Молдавскиот премиер Дорин Речан ѝ нареди на владата во понеделникот да ги започне подготовките за евентуална национализација на гасната компанија „Молдовагаз“, која е 50 отсто во сопственост на руски „Газпром„.
„Газпром“ објави дека планира да го прекине извозот на гас во Молдавија од 5 часот по Гринич на 1 јануари 2025 година поради наталожени неплатени долгови.
На состанокот на владата премиерот Речан му порача на министерот за правда да подготви законски измени кои ќе овозможат национализација.
„Треба да работиме во стратешки сектори. На крајот на краиштата, овие објекти еднаш ни беа земени… И треба да ги вратиме во државна сопственост“, рече Речан, мислејќи на сопственичката структура кога компанијата беше основана во 2013 година.
Покрај уделот на „Газпром“, отцепената проруската енклава Придњестровје има околу 13 отсто од сопственоста. Молдавската влада поседува 35,6 отсто.
Аналитичарите велат дека секоја национализација ќе бара одобрение од парламентот.
Русија испорачува околу две милијарди кубни метри гас на Молдавија годишно. Гасот пристигнува преку гасоводот преку соседна Украина, чиј договор со Русија за транзит на гас истекува на 31-ви декември. Киев одби да го продолжи договорот за транзит на гасот. Поради тоа, и Молдавија и Придњестровје воведоа економски вонредни состојби, вклучително и мерки за намалување на потрошувачката на енергија за време на шпицот.
„Молдовагаз“ транспортира руски гас во Придњестровје, каде што се користи за производство на евтина електрична енергија што се продава на делови од Молдавија под контрола на владата.
Молдавија оспорува дека должи пари за претходните испораки на гас и ја обвинува Русија за наводна дестабилизација на земјата, што Москва го негира.
Во октомври 2021 година, „Газпром“ и „Молдовагаз“ по долги преговори потпишаа нов петгодишен договор. Руската компанија тогаш изјави дека договорот е склучен практично според условите на молдавската страна, но подлежи на 100 процентна исплата на тековните плаќања и ревизија на долговите на „Молдовагаз“.
Договорот е сè уште валиден, но испораките се ограничени на 5,7 милиони кубни метри. Овој гас се испраќа во отцепената проруска саопрогласена покраина Придњестровје во замена за електрична енергија, а Молдавија го користи гасот од резервите или го купува преку „Енергоком“ на самото место.
Во септември 2023 година, шефот на молдавското Министерство за енергетика, Виктор Парликов, ги претстави резултатите од ревизијата на историскиот долг на „Молдовагаз“ кон „Газпром“, кој изнесуваше 709 милиони долари. Од оваа сума, 276 милиони, според него, не биле документирани ниту од „Молдовагаз“, ниту од „Гаспром“, а други 400 милиони не се предмет на наплата поради истекување на застареноста. Така пророманската влада во Кишињев му понуди на „Газпром“ да му плати само 8,6 милиони долари. Руската компанија не се согласи со тоа и изјави дека ревизијата е извршена еднострано и не може да влијае на важноста на долгот.