Молк од СДСМ за губењето на довербата кај избирачите

Македонските избирачи најмногу доверба во моментов ѝ даваат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, додека рејтингот на владејачјата СДСМ бележи драматичен пад покажа истражувањето на јавното мнение кое во неделата го објави Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС), а чиишто резултати социјалдемократите втор ден одбегнуваат да ги коментираат.

Според податоците кои беа презентирани а добиени во периодот од 2-ри до 6-ти декември, рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ се зголемува, а поддршката на граѓаните за СДСМ е намалена за 2 отсто, и тоа споредено со периодот јуни – септември. Така поддршката за СДСМ во јуни изнесувала 19, 5 отсто, во септември 18, 01 проценти, додека на почетокот на декември рејтингот на владејачката парија е намален на 17, 5 отсто. Поддршката на испитаниците за ВМРО-ДПМНЕ за трите месеца е речиси иста и се движи од 21,02 отсто за јуни и септември, додека за декември има мало зголемување од 21 04 проценти.

Во однос на спроведената анкета на ИПИС за рејтингот на политичките партии само кај етничките Македонци за последниов месец, ВМРО-ДПМНЕ има моментално највисока поддршка од 28,01 отсто, додека СДСМ ужива поткрепа од 20,03 отсто.

Овие показатели на ИПИС за министерката за одбрана Радмила Шекеринска се „нерелевантни и не ја одразуваат реалната слика“. Таа упати низа критики кон Институтот за за наводна „пристрасност и блискост“ со претходната влада водена од ВМРО-ДПМНЕ.

„Не сум ја видела анкетата за да коментирам, и ако не се лажам ИПИС беше Институтот за коишто вашите колеги констатираа дека 480.000 евра имаше добиено само од МТСП, и истата таа aгенција беше искористена за да направи добар вовед за насилството од 27 април кога неколку недели пред насилните собирања пред Собранието образлагаше дека граѓаните биле во право. Имам дилеми околу агенции коишто и сега и според Отворени финансии се потврдува колку профитирале од претходната влада, мислам дека тие дилеми се оправдани, како што се сеќавам во еден период каде што ВМРО-ДПМНЕ на сите такви анкети водеше 3:1 и па изборите никогаш не ги потврдуваа“, одговори со обвиненија кон Институтот Шекеринска неможејќи да го избегне новинарското прашање за коментар.

Втората личност во СДСМ притоа очигледно играше на адутот на кусо паметење, па Шекеринска заборави дека освен на последните локални и претседателски избори, нејзината партија повеќе од една деценија бележеше убедливи изборни порази. Вклучително и на предвремените парламентарни во декември 2016 година, по што дојде на власт преку мнозинство во прв ред оформено со прифаќањето на погубната по македонските национални и државни интереси ткн Тиранска платформа.

Колку овие податоци предизвикуваат вознемиреност на „Бихаќка“ доволно сведочи и тоа што од СДСМ како реакција на анкетата до медиумите ја испратија изделената погоре спомената изјава на Шекеринска.

Челникот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, во неделата ја коментираше анкетата, и одбивањето на вицепремиерката Шекеринска да ги прифати резултатите.

„Тука ќе се согласам со Шекеринска. Реалноста е поинаква. Разликата е многу поголема од таа што е на анкетата, четири проценти вкупно и осум проценти кај Македонците. За некоја работа можеме и да се согласиме со СДСМ“, кусо коментираше Мицкоски додавајќи дека падот на владејачката патртија е очекуван и оти ќе ја доживее судбината на некои нивни сестрински партии во соседните земји.

Ден претходно во партиско соопштение од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека вистинската анкета ќе се случи на 12-ти април, изразувајќи убеденост дека на предвремените парламентарни избори гласачите ќе го казнат СДСМ за лошите политики.

„Народот ќе ги казни поради Рекет, аферата Леонардо, за тендерите на Анѓушев, концесиите со марихуаната и ископ на глина на кланот Заеви, крвавите тендери во здравството на Филипче од 35 милиони евра, Фондот за криминални иновации во кој сами на своите функционери си доделуваа грантови, скандалот со хеликоптерите на Рашковски и Заев од 72 милиони евра, Рекет 2, поради камионите на Вице кои возат во РЕК Битола, најголемиот скандал со непотизам како и поради најновата афера Кеш во која гледаме како организирано се ограбувал Буџетот и се ограбувале милиони евра на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ден по објавувањето на анкетата од СДСМ и натаму нема коментари за падот на сопствениот рејтинг. Социјалдемократите, очигледно, се свесни за губењето на довербата кај избирачите и во очекување на осмислување на некој нов спин од нивната партиска лабораторија или пренасочувањето на вниманието на јавноста кон новата порција сведоштва за случајот „Рекет“, се решија да го одмолчат поразителниот факт.