Очајната мајка Снежана Лазаревиќ се уште го бара својот исчезнат триесетгодишен син Илија Лазаревиќ. Неговата трага се губи од 2-ри април годинава, а болката на мајка му секој ден расте.
Таа се уште преку социјалната мрежа Фејсбук споделува апели до сите кои евентуално го слушнале или го виделе Илија, да ја исконтактираат. Има порака и до нејзиниот син кого го моли да се јави.
-Иле сине те молам јави ми се каде и да си од 2-ри април, па се до денес изминаа многу денови и ноќи непреспиени, тажни. Копнежот по тебе сине мој ме исцрпува твоето отсуство. Бар да ми кажеше каде одиш, никогаш не одеше некаде без да ми кажеш. Сега ме остави во мисли каде си, со еден пар облека излезен, со малку пари во џеб. Иле, ако го видиш овој статус, јави ми се те молам, пишува мајката.
Случајот е пријавен во полиција, но нема напредок во потрагата по Иле.
Дента кога заминал Илија со себе носел мобилен телефон, неколку часа откако излегол му ѕвонела, но не и одговорил на повиците. До ден денес мобилниот телефон му е исклучен.