Ученикот од 7-мо одделение ООУ „Владислав Рибникар“ К.К. (13), кој утринава уби 8 ученици, како и обезбедувач, а со истрели од пиштол тешко рани шест ученици и наставник, не е кривично одговoрен, велат од Вишото јавно обвинителство на Србија.
-Согласно Законот за малолетни сторители на кривични дела и кривичноправна заштита на малолетни лица, К.К. е кривично неодговорен бидејќи не наполнил 14 години. По наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, на таткото на ова момче В.К. (48) му е одредена мерка притвор до 48 часа поради сомнение дека сторил кривично дело Тешки дела против општата безбедност, се вели во соопштението.
Претходно увид на лице место извршија дежурни заменици јавни обвинители на Одделот за општ криминал и Одделот за малолетници на Вишото јавно обвинителство Белград, кои наредиле во присуство на вработени во Центарот за социјална работа од К.К. да земат изјава и да извршат лекарски преглед.
По овие процедури ќе биде одлучено какви дополнителни мерки ќе бидат преземени.
Наредено е од К.К. да се земе крв за токсиколошка анализа, со која треба да се утврди дали во времето на убиството момчето бил под дејство на алкохол, наркотици или други супстанци.
Како што претходно соопшти на прес-конференција началникот на белградската полиција Веселин Милиќ осомничениот сам се пријавил на полицијата да каже дека застрелал неколку луѓе.
-Според досега собраните информации, ученикот К. К. подолг временски период го планирал извршувањето на ова кривично дело. Мотивот се уште не е утврден, ниту пак тој не го кажал. Датумот 3 мај 2023 година го избрал затоа што училницата по историја била во близина на влезот на училиштето, каде неговиот клас VII-2 го имал првиот час. Огненото оружје, пиштолот со калибар од 9 милиметри, со три рамки, како и малокалибарски пиштол, гиз ел од станот на татко му, го ставил во торба, а подготвил и понел и четири молотови коктели, изјави Милиќ.
Шефот на полицијата го покажа списокот на деца што сторителот го составил и училишниот план на кој ги определил приоритетните цели и начинот на влегување во паралелките со бројот на деца што планирал да ги убие во секое одделение.