Околу 16 часот вчера во село Арачиново извршено е убиство во кое е лишено од живот лицето Ељон Ј.(17) од Скопје. Имено, кривичноправниот настан е пријавен околу 16.20 часот во Центарот за информирање и команда, од сопственикот на маркетот „Империјал“ кој пријавил дека во близина на маркетот со употреба на огнено оружје е погодено непознато машко лице, кое со приватно возило е однесено во амбуланта „Муамет“ во Сингелиќ . Подоцна повредениот им подлегнал на повредите.
Веднаш по пријавувањето, местото на настанот било обезбедено од страна на полициски службеници на ПС ОН Гази Баба и ЕПОИ АЛФА, а увид е извршен од ЕУМНА во присуство на надлежен Јавен обвинител. Во МВР беа повикани повеќе лица, очевидци со кои е извршен разговор во врска со случајот.
Според првични сознанија извршител на убиството е лицето Р.Ј. (19) кој е во роднинска врска со починатиот. До убиството дошло по претходна телефонска расправија, по којашто починатиот дошол пред куќата на осомничениот, каде што продолжиле вербално да се навредуваат и си размениле по неколку удари со боксови по телото, а потоа Р.Ј. извадил пиштол и со два истрела го усмртил Ељон Ј. Потоа избегал.
Од првичниот преглед на телото на починатиот констатирано е дека има две прострелни рани во градите нанесени од пиштол, а на лице место се пронајдени две чаури и еден стап (рачка од земјоделска алатка) кои се предадени за понатамошна обработка.
По преземени мерки, денеска осомничениот е приведен во ПС Кисела Вода, обезбеден е и пиштолот со кој постои сомнение дека е извршено убиството при што истиот е даден на вештачење.
По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава.