СВР Скопје го расчисти кривично правниот настан за кој на 4-ти јули годинава кога половина час по полноќ беше пријавено дека во индустриска зона Ќојлија, во близина на Меѓународен аеродром Скопје, избувнал пожар на плац од агенција за рент-а-кар, во кој со изгореници по телото се здобил 24-годишниот Б.А. Скопје, кој како последица на изгорениците почина по три дена.
Според пријавата од Б.А., тој наводно бил насилно пренесен од две лица со возило од нас.Ченто до Ќојлија,а таму наводно го натерале да се самозапали. Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги презеле сите неопходни мерки и активности за расчистување на случајот.
„Извршен е увид на местото на настанот, при што се подигнати материјални траги, за кои се изготвени соодветни вештачења, а обезбедени се и видео записи од безбедносни камери, повикани се на разговор повеќе лица, едно лице е лишено од слобода, како и други оперативно тактички мерки, при што е утврдено дека Б.А. доброволно отишол на местото на настанот, со запалива течност го полеал контејнерот на агенцијата и го запалил, при што од настанатата експлозија, кај Б.А. настанале повреди по телото-изгореници, од кои на 07.07.2024 Б.А. починал. Со ова е констатирано дека првичната изјава која Б.А. ја дал на полициските службеници, дека наводно истиот бил киднапиран од две лица и насилно пренесен со возило до местото на настанот и притоа истите наводно го натерале да се полие со запалива течност и да се самозапали, не е точна“, информираше денеска Министерството за внатрешни работи.
Од страна на СВР Скопје случајот е расчистен и поднесено е известување до Основното јавно обвинителство Скопје.