МОН: 10.277 ученици се запишаа во средно стручно образование, а 4.603 во гимназиско

Врз основа на финализираните ранг листи за првото и второто пријавување за упис во средно училиште за учебната 2023/24 година се запишале вкупно 15.481 ученици, информираат од Министерството за образование и наука (МОН).

Од нив 11.325 ученици се за настава на македонски наставен јазик, 3.852 на албански, 298 на турски и 6 на српски наставен јазик.

Од МОН соопштуваат дека 4.603 се запишани во гимназиско образование, а 10.277 во стручно образование. 187 се запишале во уметничко образование, а 414 во спортска гимназија.

Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок. Пријавување на учениците ќе се врши на 21 август до 24:00 часот.

Скопските гимназии како „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“ и „Раде Јовчевски-Корчагин“ не се наполнија ниту во вториот уписен рок за учебната 2023/2024 година. Конкурсот за запишување ученици во гимназискотo образование, како што соопшти денес Министерството за образование и наука( МОН) е завршен само за „Никола Карев“ и „Георги Димитров“ во Скопје.

Првото пријавување на учениците се реализираше преку електронско аплицирање на 20 и 21 јуни, а второто пријавување на 27 и 29 јуни . Прелиминарните ранг листи се објавија на 22 јуни, односно на 29 јуни. Доставувањето на потребната документација до училиштата беше на 22 и 23 јуни и на 29 и 30 јуни. Конечните ранг листи се објавија на 24 јуни и на 1 јули.