МОН: Децата да се вратат во клупите и штрајкот да се стави во мирување додека се преговора за платите

„Секој изгубен ден и час од образовниот процес е на директна штета на учениците и никој не може да ги надомести. Затоа, Министерството за образование и наука (МОН) ја поздравува иницијативата од Советот на СОНК за интензивирање на преговорите за зголемувањето на платите на наставниците, но не и одлуката да се продолжи со штрајк. Неодговорно е да се инсистира на продолжување со прекинот на наставата, во услови кога на наставниците им е понудено решение за раст на платите“, соопштија од МОН.

Додаваат дека е разумно е штрајкот да се стави во мирување, а синдикатот да продолжи со преговорите, се до постигнувањето на решение прифатливо за сите страни. Во спротивно, СОНК ќе биде единствениот одговорен за непоправлива загуба на учениците и на родителите.

„Ги повикуваме наставниците да почнат повторно да делуваат во најдобар интерес на децата и да се вратат на настава. Зголемување на платите во образование ќе има, како што имаше и во изминатите 5 години. Понудено е зголемување
за 10 % кои ќе се обезбедат со ребалансот на Буџетот. Тоа значи повисоки плати на наставниците за 2.500 денари месечно. Понудивме и методологија со која ќе обезбедиме континуиран раст на платите и трајно решавање на социјалниот статус на вработените во образование“, се вели во соопштението.

Од МОН потсетуваат дека, низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците од 21 %. Со ова зголемување платата на наставник/чка во основно образование е порасната за над 3.200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24.786. На наставник/чка во средно образование зголемувањето е над 4.300 денари плус минат труд и просечно платата е 25.874.

„Наставници, ставете го интересот на децата пред својот личен интерес. Местото на учениците е во училиште. Правото на образование на секое дете е уставно загрантирано право“, повикува МОН.