По објавувањето на прашањата за екстерното тестирање дел од медиумите направија обид за дискредитација на процесот на екстерното тестирање на учениците, преку квалификување на дел од прашањата како нелогични и несоодветни за учениците на одредена возраст, се вели во соопштението на Министерството за образование и наука.
Оттаму го даваат и пооследниот пример е прашањето ,,Во клупата пред Перо седи Мира. Таа си врза панделка на плетенката. Перо мисли како да ја повлече Мира за плетенката. Учителката ја повика Мира да излезе на табла.“
Со кое прашање ќе дознаеме за намерата на Перо?
Од МОН потенцираат дека се работи за прашање наменето за учениците од 4-то одделение во деветгодишно основно образование. Прашањето е изведено од текст во одобрен учебник по македонски јазик за 4-то одделение и истото е во согласност со развојните карактеристики на учениците на оваа, во просек 9 односно 10 годишна возраст.
„Целта е да се препознаат основните синтаксички категории согласно наставната програма по македонски јазик за 4то одделение. За жал, ниту еден од медиумите коишто го оспоруваат и критикуваат ова, но и други прашања од системот, не ја погледнал наставната програма и учебникот од којшто прашањето е изведено, со што јасна е намерата за вулгаризирање на прашањата и искривување на нивната суштина и значење“, се вели во соопштението.
Од министерството додаваат дека очигледно е дека за некои општествени чинители поголема вредност имаше системот во некое друго време, кога оценките се добиваа со притисоци и закани врз просветните работници, чијшто општествен углед и достоинство на професијата беа сведени на минимум и системот во кој децата стекнуваа навики дека било која цел во животот може да се постигне благодарение на моќта на родителите, без личен влог на енергија, труд и време.
„Екстерното тестирање е значајна и долгорочна реформа која има за цел да создаде образовен систем и општество на знаење и таа реформа нема да зависи од тесноградите и дневнополитички агенди на било кого“, се додава во соопштението.