Социјалдемократскиот сојуз на Македонија преку континуираното изнесување и повторување на едни исти лаги, се обидува да ги претвори во вистина. И сето тоа со единствена цел – дискредитација на работата на Министерството за образование и наука и негирање на реализираните проекти, мерки и активности кои се дел од стратегијата за унапредување на националниот образовен систем, како од аспект на квалитет на наставата, така и од аспект на инфраструктура, реагираат од Министерството за образование.
„Училиштето во Хром е изградено на барање на жителите на оваа населба, постои и прилично е видливо, затоа што се работи за новоизграден, модерен објект со површина од 600 квадратни метри, на два ката, со шест нови училници, четири тоалети, технички и работни простории и нов простор за библиотека. Истиот е во фаза на доопремување и во договор со локалната самоуправа во следните неколку денови во него ќе продолжи наставната година.
За сите ученици во ова, но и во другите училишта на територијата на Република Македонија се обезбедени пристојни услови за реализација на воспитно образовниот процес, клупи, столчиња, информатичка технологија, бесплатни учебници, како и превоз за оние кои живеат на повеќе од 2,5 километри оддалеченост од местото каде посетуваат настава“, стои во соопштението од МОН.
Од Министерството прашуваат дали за СДСМ сето ова не постои и не е видливо? Дали ќе ја негира изградбата и на други 73 нови училишта од 2006 година до сега, реконструкцијата на повеќе од 400, како и изградбата на 55 спортски сали?
За потсетување, последен пат пред 2006 година нов училишен објект е изграден пред осамостојувањето на државата.