МОН: Ниеден ученик нема да остане без учебници, печатените не се укинуваат

Министерството за образование и наука реагира на прес конференцијата на претставничката на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ Весна Кусакатска, која вели дека ќе се укинат печатените учебници.

Министерството за образование и наука потсетува дека, како што и беше најавено од следната учебна година ќе се примени комбиниран начин на учење кој подразбира употреба и на печатени и на дигитални учебници.

-За учениците од прво до трето одделение и натаму ќе се обезбедуваат печатени учебници, бидејќи тоа е период во кој треба да се развие однос кон на детето кон книгата. Додека за учениците од четврто и погорните одделенија прва опција ќе бидат дигиталните учебници, имајќи предвид дека кај нив веќе се развиени вештините за примена на ИТ технологија и електронски алатки. Но доколку по нивна волја, учениците се изјаснат дека сакаат наставата да ја следат од печатен учебник, тоа ќе биде овозможено. Додека лектирите и понатаму ќе бидат достапни само во печатена форма.

Министерството за образование и наука во ниту еден случај нема да дозволи било кој ученик да остане без учебник независно дали е тоа електронски или печатен. Образованието е загарантирано право на секој ученик и ние тоа го обезбедуваме и го надградуваме, велат од МОН.

Првпат во учебната 2021/2022 година сите учебници ќе бидат достапни во аудио формат и на Брајово писмо за потребите на учениците со оштетен вид.

Новиот Закон за учебници има строго утврдени правила по кои ќе се одобруваат и печатат книгите. Министерството за образование и наука нема да дозволи несоодветни содржини да бидат дел од материјалот кој го изучуваат ученици.