МОН: Училиштата ќе можат да печатат учебници за учениците кои немаат можност за електронски учебници

Новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали кој е дел од планот за реформа на националниот образовен систем е изготвен врз основа на анализи на позитивни практики од повеќе развиени земји во Европа кои го имаат надминато системот на класична употреба на учебник. Воспоставувањето на систем на отворени образовни ресурси е тенденција кон која се стремат и земјите во развој, вклучително и Македонија, информира Министерството за образование и наука.

– Тоа е една од клучните придобивки кои ги обезбедува новото законско решение, а во интерес на унапредување на квалитетот на наставата и воопшто на воспитно образовниот процес во државата. По секој предмет повеќе нема да постои само еден извор на информации, туку ќе се користат најмногу до три учебници, што ги насочува учениците кон истражување и анализа пред да донесат заклучоци и да меморираат знаења – велат од МОН.

Оттаму додават дека дигитализацијата ќе обезбеди лесна достапност на материјалите за учење, кои стануваат интерактивни и збогатени со мултимедиални содржини –  филмови, анимации, видео прикази, галерија на слики и задачи, како и нивно поедноставно ажурирање со најнови податоци и факти пред почетокот на секоја учебна година.

– Но, имајќи ја предвид автономијата на наставниците во изборот на материјали и средства за настава, тие можат да отпечатат дел од материјалите за потребите на часот, односноучилиштата ќе можат целосно да го отпечатат учебникот за секој ученик  кој поради било каква причина нема можност да ги користи електронските учебници. Така што, материјалите за учење и понатаму остануваат бесплатни за сите ученици, вклучително и за учениците со оштетен вид за кои државата ќе печати учебници на Брајово писмо, покрај достапноста на секој учебник во аудио формат. Инклузивноста е основен принципи врз кои е создадено новото законско решение, кое меѓудругото ќе обезбеди и учебници без грешки, нелогичности и стереотипи, како и содржина која ќе биде напишана на авторски јазик разбирлив за учениците и соодветната возраст на учениците – велат од МОН.