МОН вели новите учебници за основно образование се набавуваат и распределуваат согласно потребите на општините

Новите учебници за основно образование се набавуваат и распределуваат согласно искажаните потреби на општините, информираат од Министерството за образование и наука.

-Министерството за образование и наука цени дека неосновано се повикуваат родителите на ученици од основните училишта во општина Тетово да потпишат петиција до МОН со која се бара обезбедување на учебници и корекција на содржински забелешки во истите најдоцна до 28 февруари. Не би сакале да веруваме дека се работи за иницијатива на политички центар и затоа со граѓаните споделуваме повеќе информации за процесот на набавка и испорака на учебници, се наведува во соопштението.

Од МОН потсетуваат дека во тек е реформа на националниот образовен систем во делот на основното образование, која подразбира етапна изработка на нови наставни планови и програми врз основа на кои се изработуваат и нови учебници.

-Минатата учебна година беа опфатени прво и трето одделение, а годинава второ и четврто одделение. Учебниците кои се изработени, одобрени и набавени по сите предмети од овие одделенија, а согласно искажаните потреби на училиштата пред почетокот на учебната година, се веќе испорачани и се користат од страна на учениците. Дополнително во тек е испорака на учебници по одредени предмети, за кои постапките за одобрување завршија подоцна од предвиденото време, посочуваат од МОН.

Во другите одделенија нема нови учебници, затоа што, како што нагласуваат од МОН, реформата предвидува нивен опфат во следните учебни години.

– Остануваат да важат постојните учебници, кои согласно законските прописи се користат најмногу пет години и од тие причини не се печатат нови количини по одредени предмети и тоа најчесто по ликовно, музичко и техничко образование, потенцираат од Министерството.

Според податоците, како што велат од МОН, општина Тетово оваа учебна година добила најголем тираж на учебници, споредбено со тоа што е побарано од локалната самоуправа. Поточно, од побараните 52.884 учебници, испорачани се 42.000 учебници (79,4 отсто). Претходната учебна година соодносот е 45.563 побарани и 20.440 испорачани учебници (44,8 проценти), додека во 2020-2021 година побарани се 84.575 примероци, а испорачани се 39.725 учебници (43 отсто). Најголем дел од испорачаните учебници се целосно нови, изготвени согласно новите наставни програми кои ги предвидува реформата.

Од МОН истакнуваат дека за учебната 2023/2024 ќе има нови наставни програми за трето и шесто одделение и врз основа на истите ќе се изработат и нови учебници. Постапките, како што се додаваат, се отпочнати и се очекува навремена испорака и тираж кој ќе ги задоволи потребите на сите училишта согласно бројот на ученици.

-Со оглед на комплексноста на процесот на реформирање, бројни се и предизвиците, но со залагање на сите чинители, тие се надминуваат. Квалитетен систем на образование не се гради преку ноќ, ниту без совладување на проблеми. Апелираме до сите локални самоуправи, образовни установи и воопшто до граѓаните да се вклучат партнерски и да дадат свој придонес, со цел реформата успешно да биде заокружена, информираат од Министерство за образование и наука.