„Станува збор за една многу сериозна ситуација кога низ целата држава се зборува дека на одредени универзитети или факултети, без оглед јавни или приватни, се купуваат дипломи, односно студентите не го стекнуваат квалитетот на знаење кое треба да го стекнат. Кога ќе се појават неколку пати или воопшто нема да се појават, се стекнуваат со диплома. Меѓутоа, кога се обидувате да добиете релевантни информации, се разбира дека ниту тој што продал, ниту тој што купил ќе застане тоа јавно да го каже. Но, докази за неквалитетот на одредени дипломи гледаме секојдневно на луѓето кои се вклучени во различни работни процеси. Во администрацијата, зошто нив ги нема во приватниот сектор, секако, или на некој други работни позиции“ , изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната панел дискусија, каде се дебатираше на тема „ Подобрување на образованието“.
Таа објасни дека Министерството за образование и наука врши сериозен мониторинг на работата на факултетите, се со цел да запре процесот на издавање на дипломи несразмерно на реалната вредност и создавање на лажен идентитет. Истакна дека преку алатките кои ги имаат на располагање постапуваат секаде каде имаат пријава за нерегуларност во работа.
„Докажувањето на ова е малку тешко и прилично сериозна и макотрпна работа. Меѓутоа, има и други можности преку кои би се обиделе, а потоа во следен чекор и со сигурност би го запреле овој процес. Тоа значи сериозно мониторирање на работата на факултетите или универзитетите. Тоа значи дека во моментот го користиме Државниот просветен инспекторат и законските можности во Законот за државен просветен инспекторат, Законот за високо образование и Агенцијата за квалитет во високото образование. Правиме силни напори секаде каде имаме пријава дека се случува нешто нерегуларно, да постапиме, и постапуваме. Државниот просветен инспекторат во изминативе шест месеци постапил во 1400 предмети што е огромна бројка“ , објасни Јаневска.
Таа дополнително образложи дека е потребен одреден временски период за целосно да се извршат реформи во образованието. Нагласи дека во иднина ќе се настапува уште поригорозно, со крајна цел да не се дозволува во иднина оние кои реално вложуваат енергија во образование и се градат интелектуално да ја напуштаат државата.
„Во образованието ништо не може да се направи од денес за утре. Треба уште малку време да го заокружиме целиот овој процес, за да можеме после тоа и поригорозно да постапуваме, доколку дозволиме вакво нешто да се продолжи во иднина, ние ќе имаме се помалку образовани кадри во државата, а оние коишто ќе бидат подобро образовани ќе ја напуштаат државата“, децидна е Јаневска.
Го произнесе својот став по однос на законските измени во образованието, односно колку се очекува подобрувањето на образованието во целост. Објасни дека Законот е променлива материја, додавајќи дека ако нешто е добро може да се регулира. Дополнително испрати јасна порака дека се потребни суштински промени за подобрување на образованието.
Јаневска даде одговор на прашањето дали е можно УКИМ да се врати во првите 1000 универзитети на Шангајска листа. Таа е децидна дека не постои причина зошто да не е можно и дека со трпение и труд на наставен кадар како и поставување на заеднички цели во високото образование може да се постигнат резултати.
„Јас сум непоправлив оптимист и по природа амбициозен човек. Со заеднички цели секако ќе можеме, нема причина зошто не би можеле.Интелектуалци, истражувачи, научници во цел свет се исти луѓе. Тие не се разликуваат по нешто, освен по условите во кои работат и можностите што државата им ги нуди, вклучувајќи ги и законските решенија“ , заклучи Јаневска.