МОН: Врсничко насилство од денеска може да се пријави на електронска адреса, а ќе се постапува веднаш

Министерството за образование и наука информира дека почнаа консултации за креирање мерки и надополнување на постоечките механизми за детекција и спречување на врсничко насилство, промена на пристапот за работа со деца со асоцијално однесување, за работа со нивните семејства и слично.
„На моја иницијатива денеска имавме дискусија со повеќе академски професори и експерти од областа на педагогијата, психологијата, социологијата, безбедносните науки, со цел да дискутираме што е тоа што можеме да го интегрираме во нашиот образовен систем, за да превенираме несакани настани како во соседна Србија. Ова е сериозен предизвик за сите нас, имавме плодна дискусија и сите сме согласни дека промени мора да се случуваат, затоа што новото време ја менува динамиката на живот, се менуваат трендовите, се менува однесувањето на младите. Овие предизвици бараат и соодветен одговор“, изјави по средбата министерот за образование Јетон Шаќири.
Процесот на креирање мерки за јакнење на воспитно-образовниот систем за справување со насилство ќе биде инклузивен и во него ќе се вклучат повеќе институции и поединци. Со цел вклучување на сите засегнати министерства, ќе следат и средби со МТСП, МВР и Министерството за здравство.
Како прва активност, иницирано е отворање на електронски адреси каде младите, родителите и воопшто граѓаните ќе можат да пријавуваат врсничко насилство: [email protected] и [email protected] на албански јазик. Адресите се веќе активни и министерот најави дека по секоја пријава веднаш ќе се постапува.
Во рамки на постечките механизми за справување со меѓуврсничко насилство и девијантни однесувања на децата и младите, делуваат стручните служби во училиштата, Педагошката служба и Просветниот инспекторат, а МОН има конструктивна соработка со службите на МВР.