Монголските власти имаат обврска да го уапсат рускиот претседател Владимир Путин доколку тој ја посети земјата следната недела, соопшти Меѓународниот кривичен суд (МКС).
Предвидено е Путин да ја посети Монголија на 3 септември. Тоа ќе биде прва негова посета на земја членка на МКС откако Судот нареди негово апсење во март 2023 година.
И Украина денеска апелираше Монголија да го уапси Путин за време на неговата посета.
– Украина се надева дека Владата на Монголија е свесна за фактот дека Владимир Путин е воен злосторник. Ги повикуваме монголските власти да ја извршат обврзувачката меѓународна потерница, соопшти украинското Министерство за надворешни работи.