Моника Белучи има нов дечко

Познатата италијанска актерка Моника Белучи (58), по неколкумесечните гласини за тајната романса, конечно потврди дека е во врска со режисерот Тим Бартон (64), во интервју за магазинот „Ел Франс“ („Elle France“).

На почетокот на оваа година, парот беше „уловен“ на романтична прошетка во Мадрид. Тогаш првпат се појавија заедно во јавноста, но дури сега Моника ја открива целата приказна.

„Мило ми е што го запознав. Тоа беше една од оние средби што ретко се случуваат“, рекла актерката.

Таа и режисерот се запознале уште пред 16 години, но врската ја започнале во октомври минатата година, откако се виделе на филмскиот фестивал „Лумиер“ во Лио. Моника тогаш беше почесен гостин на фестивалот и на Тим му ја врачи наградата за животно дело.

„Го сакам Тим и го почитувам“, додала Моника.

Инаку, Белучи раскина со уметникот Николас Лефевр (40) во 2019 година. Пред тоа, таа беше во брак со францускиот актер Винсент Касел (56) од 1997 до 2013 година, со кој има две ќерки Дева (18) и Леони (12).

Бартон беше четири години во брак со германската уметница Лена Гисеке, а се разведоа во 1991 година. Неколку години подоцна ја запозна американската актерка Лиза Мари, со која се сврши на Денот на вљубените во 1993 година, а се разделија во 2001 година. После неуспешните врски, тој долго време беше со Хелена Бонам Картер (56), со која има има две деца, синот Били Рејмонд (19) и ќерката Нел (15).