Досега се склучени 71 договор во вкупна вредност од 1,5 милиони евра. Најголемата набавка е за респираторни машини, за што се потрошени 909 илјади евра, во 44 проценти од случаите се преговарало само со една фирма, а најчесто се купува заштитна опрема и тоа маски, ракавици и скафандери, со шареноликост во цените. Во секој петти договор за јавна набавка или одлука за избор на најповолна понуда не се објавуваат ниту количините на набавенитe производи, ниту поединечните цени. Pет здравствени, три локални и две национални институции се во првите 10 институции со најголема вредност на набавките.
Ова го објави Центарот за граѓански комуникации, по направениот мониторинг на итните набавки поврзани со коронавирусот за навремено детектирање одредени слабости во процесот и да даде придонес кон нивно надминување, а со цел заштита на јавните пари и рационално искористување на ограничените ресурси во земјава.
За итни јавни набавки поврзани со заштита и превенција од ширењето на заразата од коронавирусот, од почетокот на март до 20 април склучени се 71 договор во вкупна вредност од 1,5 милион евра.
Иако во мониторираниот период е зголемен бројот на објавени договори за итните набавки, стои во извештајот, сепак дел од институциите и натаму не ги објавуваат известувањата за склучен договор и самите договори.
– Најголема поединечна набавка е за респираторните машини, за што се потрошени 909 илјади евра. Досега најголема набавка поврзана со кризата е онаа на Министерството за здравство, кое со посебна Уредба на Владата набави 31 респираторна машина за 909.561 евро, или по просечна цена од 29.340 евра по машина. Специфичноста на оваа набавка е што се објави јавен оглас во којшто се бараа понуди во рок од три дена, со однапред утврдена максимална цена од 25.000 евра по машина (без давачки) и максимален рок на испораката од 30 дена. Добиени се девет понуди, од кои седум се отфрлени поради неисполнување на рокот на испораката, цената или други услови од повикот, покажува мониторингот извршен од страна на Центарот за граѓански комуникации.
Во 44 проценти од случаите се преговарало само со една фирма, а значаен дел од институциите продолжуваат со практиката, пред склучувањето на итните договори, да преговараат само со една наместо со повеќе фирми.
Во 44 проценти од склучените договори, се посочува, институциите побарале понуда само од еден понудувач, со којшто е и склучен договорот.
Најчесто се купува заштитна опрема, и тоа маски, ракавици и скафандери, со шареноликост во цените. Државните институции набавуваат повеќе видови маски, од двослојни или трослојни заштитни хируршки маски по цени од 30 до 45 денари, преку заштитна маска N95 со цени од 200 до 340 денари, респираторни маски FFP3 со цена од 177 денари и респираторни маски N95 кои чинат од 66 до 97 денари, па сè до платнени маски по цена од 35 денари и хируршки маски со визир по цена од 53 денари. Шареноликост постои и во однос на скафандерите, па некои купуваат од оние за еднократна употреба, за кои плаќаат од 177 до 485 денари, а други купуваат скафандери за повеќекратна употреба, по цени од 1.180 денари. Кога станува збор за прегледните ракавици за еднократна употреба, забележана е значајна разлика во цените: од 1,76 денари до 4,70 денари. Малопродажната цена за овие ракавици е главно 3,5 денари и произлегува дека одредени институции ги купуваат по цени што се повисоки и од малопродажните.
Во секој петти договор за јавна набавка или одлука за избор на најповолна понуда не се објавуваат ниту количините на набавените производи, ниту поединечните цени. Дел од институциите (речиси 20 отсто), стои во објавените резултати од мониторингот, во договорите за јавна набавка или во одлуките за избор на најповолна понуда што ги објавуваат на Електронскиот систем за јавни набавки, го наведуваат само предметот на набавката, односно што е тоа што ќе го купат и вкупната вредност на договорот. Ваквото постапување, се подвлекува, не е во духот на транспарентното и отчетно работење и го оневозможува увидот на стручната јавност и на граѓаните во начинот на којшто се трошат јавните пари.
– Пет здравствени, три локални и две национални институции во првата десетка со најголема вредност на набавките. Со набавката на респираторните машини и пет други набавки, Министерството за здравство досега склучило највредни договори за јавни набавки поврзани со коронавирусот. Следат Градската болница во Скопје, но и Градот Скопје, како и владината Служба за општи и заеднички работи. Прилепската болница е единствена локална болница на овој список, а како локални институции се јавуваат и скопското Јавно претпријатие за паркови и зеленило и Општината Бутел. Од министерствата, покрај Министерството за здравство, единствено друго со поголеми набавки е Министерството за одбрана, а од клиниките – Клиниката за гинекологија и акушерство, се наведува од страна на Центарот за граѓански комуникации.
Десетте институции со најголема вредност на набавки поврзани со коронавирусот се Министерство за здравство 7 944.224 евра, Градска општа болница „8 Септември“ Скопје 11 117.955 евра, Град Скопје 2 72.855 евра, СОЗР 4 64.104 евра, Општа болница Прилеп 4 40.465 евра, ЈП Паркови и зеленило – Скопје 1 38.374 евра,Медицински факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј 3 32.395 евра, Министерство за одбрана 4 31.886 евра, Општина Бутел 1 19.187 и Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство Скопје 6 17.983 евра.
Кај фирмите, објави Центарот за граѓански комуникации, најголеми се договорите за респираторните машини, по што следат трите фармацевтски компании – Алкалоид, Д-р Пановски и Еуро-фарм. Најголема поединечна вредност на еден договор и, воедно, фирма со највреден договор е Соникс Анастасија ДООЕЛ од Скопје, за 26-те од набавените 31 респираторна машина. Следна е втората фирма, која обезбеди 5 респираторни машини, Винора ДООЕЛ Скопје. Следи Алкалоид АД Скопје со склучени осум договори.
– Значително е намален бројот на тендери за време на кризата во однос на претходните две години. Влијанието на кризата врз јавните набавки се препознава и во намалениот број на набавки во текот на првите 30 дена од прогласувањето на вонредната состојба. Од 18 март до 18 април 2020 година, објавени се вкупно 1235 огласи за јавни набавки, што е за 46 % помалку од бројот на набавките во 2019 и за 38 проценти помалку од набавките во 2018 година, стои во објавениот извештај од направениот мониторинг.
Во мониторираниот период, се посочува, Владата усвои два заклучоци што се однесуваат на јавните набавки. Првиот заклучок од 2 април, по што Владата донесе нов заклучок на 13 април, со којшто го прецизираше претходниот заклучок и ги задолжи институциите да не прават несуштински набавки, а ако веќе мораат, да побараат претходна согласност од Владата, додека за набавките што се во тек, а за кои имаат обезбедено средства, да ги потпишат договорите, а сите останати набавки да ги спроведуваат според нивните буџети, имајќи ја предвид пренамената на средства во Буџетот што се изврши на 9 април 2020 година.
– Само 15 набавки се поништени поради коронавирусот. Во периодот од осум дена меѓу објавувањето на двата владини заклучоци, само 15 поништувања на тендери можат да се доведат во врска со состојбите со коронавирусот. Владата донесе четири уредби во врска со јавните набавки. Во мониторираниот период Владата донесе четири уредби со законска сила коишто се однесуваат на јавните набавки. Три уредби се однесуваат на интервентни набавки на респираторни машини, заштитни маски и медицински ракавици, додека со четвртата уредба се одложи полагањето на испитите за лицата за јавни набавки и се продолжи важноста на потврдите за положен испит што ќе истечат во меѓувреме, се појаснува понатаму во извештајот.
Се препорачува имајќи ги предвид констатираните наоди во досегашното спроведување на итните јавни набавки поврзани со кризата поради коронавирусот и во очекување дека овие набавки ќе стануваат сè пообемни, договорните органи да настојуваат секогаш да ја добијат најдобрата вредност за потрошените пари, редовно, навремено и што е можно подетално да ја информираат јавноста за итните набавки поврзани со заштита и превенција на ширењето на заразата КОВИД-19, и тоа преку објавување на одлуките за избор на најповолната понуда преку известувањето за доброволна претходна транспарентност – истиот ден кога ќе го информираат и понудувачот, објавување на известувањата за склучените договори и на договорите за итните набавки – најдоцна десет дена од склучувањето на договорот, наведување прецизен опис на набавените производи, количините и поединечните цени во склучените договори и објавување на сите информации за набавките кои се спроведуваат во согласност со уредбите што ги носи Владата со објавување на огласите, одлуките за избор и склучените договори на веб-страниците на соодветните институции.
Препорака е и да се вклучуваат повеќе фирми во преговарањето имајќи предвид дека причината за преговарање е итноста, а не заштитата на ексклузивното право на одредени фирми, да се истражува пазарот и да се гледаат примери од набавките на други институции коишто набавиле по пониска цена и вклучиле повеќе понудувачи во преговарањето, да се искористи процесот на преговарање за постигнување разумни цени и да не се склучуваат договори со нереално високи цени, да се почитуваат роковите на испорака на набавените производи имајќи предвид дека токму итноста на набавките ја оправдува примената на оваа постапка на директно договарање и детално да се образложуваат причините за секоја набавка во одлуката за набавката за да се оправда дека договорниот орган не можел да ја предвиди набавката, немал време за примена на други постапки и дека околностите за крајната итност во никој случај не можат да ѝ се припишат на институцијата што набавува.
Итните набавки поврзани со коронавирусот во согласност со Законот за јавни набавки, се спроведуваат, се посочува во извештајот од мониторингот, со директно преговарање со фирмите, односно преку постапка со преговарање без објавување оглас, за што на институциите не им е потребно ни претходно мислење од Бирото за јавни набавки.
– За да се стесни просторот за можна злоупотреба на и онака скромните јавни ресурси, потребно е да се вложат максимални напори за зголемување на транспарентноста, отчетноста и рационалноста на овие набавки, се порачува меѓу другото во објавениот ивештај од мониторингот направен од страна на Центарот за граѓански комуникации.