Новинарот и публицист Иван Глигоровски ја објави книгата „Македонски лингвисти“ посветена на придонесот на македонски научни работници чија трајна преокупација е македонскиот јазик.
-Се работи за мое новинарско видување за придонесот во областа на лингвистиката на нашите неуморни поборници за презентирање, докажување и за афирмацијата на посебноста на македонскиот јазик – професорите и научните работници. Во книгата настојувам за сите научници да ги прикажам нивните најважни дела (по што се препознатливи досега), да ги разоткријам нивните нови истражувачки зафати, а ќе се обидам да пренесам и некои мои лични импресии, ставови и видувања за нивната личност во севкупниот придонес во областа на науката за јазикот и, воопшто, во македонистиката, наведува авторот.
Во првиот дел од монографијата се застапени десет, како што вели тој, врвни и познати македонски лингвисти и поборници за употребата и чистотата на македонскиот литературен јазик во сите средини на македонското општество: Трајко Стаматоски, Коста Пеев, Благоја Корубин, Лилјана Минова-Ѓуркова, Божидар Видоески, Блаже Конески, Снежана Велковска, Атанас Николовски, Јелица Николовска и Блаже Ристовски.
Во вториот дел се опфатени педесетина други македонски лингвисти кои, како што наведува, не се помлаку значајни. Тоа се научни работници од земјава за кои Глигоровски не снимал посебни телевизиски емисии за потребите на Македонската телевизија, но тие биле редовни или повремени учесници во многу актуелни емисии и репортажи – разговори и изјави на научни собири, симпозиуми, семинари, славистички конгреси…
Иван Глигоровски (1948) досега објавил десетина публицистички дела и е добитник на неколку признанија, меѓу кои и наградата „Мито Хаџи Василиев-Јасмин“ за публицистика во 2007 и Наградата на Град Скопје „13 Ноември“ од областа на воспитанието и образованието во 2008 година.