Македонскиот ракометен првак Вардар во саботата во германски Келн ја започнува својата битка за одбрана на европската титула освоена во минатата сезона со мечот во полуфиналето против француски Монпелје.
Вардар е само вториот европски шампион по Кил, којшто откако ја освоил титулата, следната година играл на Ф4 и не бил елиминиран во претходните фази. Но, ниту еден тим досега не ја одбранил титулата, па тимот на Раул Гонзалес има шанса да влезе во историјата.
Вардар и Монпелје во Лигата на шампионите досега одиграле две средби. „Црвено-црните“ во сезоната 2014/2015 како гостин во Франција ремизираа со 34:34, а на ревашот во Скопје францускиот тим беше поразен со 30:36.
Тренерот на европскиот шампион, Раул Гонзалес, смета дека Монпелје е опасен противник и очекува тежок натпревар.
„Немаме притисок и треба да уживаме како што тоа го направивме лани. Не мислам за ништо освен за полуфиналето. Монпелје е опасен противник. Треба добро да се подготвиме, бидејќи знаеме дека ќе биде тешко, а на крај ќе видиме кој ќе игра во финале. Сега засега размислувам за Монпелје“, вели Раул.
Бекот на Вардар, Лука Циндриќ, пак, изјави дека заедно со соиграчите се подготвени за дуелот и оти се надева дека ќе стигнат до финалето.
„Нритисокот е голем, но одвај чекаме сѐ да започне. Подготвени сме и се надевам дека можеме да стигнеме до крајот. Работевме напорно и верувам дека токму овој викенд ќе бидеме најдобри. Психички и физички сме подготвени во сите 60 минути да се бориме во полуфиналето. Монпелје покажа дека е одличен тим. Играат брз ракомет, имаат одлична транзиција, опасни се еден на еден. Одбраната е клуч на нашата игра“, рече Циндриќ.
За актуелниот состав на Вардар ова е последна шанса за големо достигнување, откако по крајот на сезоната голем дел од играчите ќе си заминат. Од тимот официјално заминување најавија Штербик, Циндриќ, Македа, Кањељас, Марсениќ, Абутовиќ, како и тренерот, Раул Гонзалес.
Натпреварот ќе се игра во „Ланксес Арена“ во Келн, од 18 часот. Претходно во 15,15 часот е вториот полуфинален двобој, во кој ќе се соочат ПСЖ и Нант на капитенот на македонската селекција Кирил Лазаров.