Урош Блажиќ осуден на 20 години затвор

Урош Блажиќ денеска во Специјалниот суд во Белград е осуден на 20 години затвор.
На 20 години затвор за недозволено поседување оружје и тешко кривично дело против општата безбедност е осудена и Радиша Блажиќ, таткото на Урош Блажиќ.

Индивидуалните казни за Урош Блажиќ се 20 години за тешко убиство, 10 години за недозволено поседување оружје, 10 години за киднапирање и 3 години за користење туѓо возило. Единствената казна е 20 години.

Индивидуалните казни за Радиша Блажиќ се – 12 години за недозволено поседување оружје и 10 за тешко кривично дело против општата безбедност – единствени 20 години.

– Врз основа на сите изведени докази, судот донесе првостепена пресуда. Урош Блажиќ ги признал сите свои злодела. Од неговата одбрана, но и од доказите, произлегува начинот на кој ги извршил сите кривични дела кои му се ставаат на товар. Тој со умисла и свесно ги извршил кривичните дела наведени во обвинителниот акт. Кога станува збор за единствената казна, судот беше обврзан со Кривичниот законик и со фактот дека Урош тогаш имал 20 години, што значи дека спаѓа во категоријата на помлади полнолетни лица, поради што не може да биде осуден на максимална казна од повеќе од 20 години.

– Урош Блажиќ при преземањето на сите дејствија покажал упорност, непромисленост, бруталност и отсуство на секаква емпатија, оставајќи ги без помош и мирно напуштајќи ги местата каде што ги извршил делата – изјави судијата при образложувањето на пресудата.