Монструозниот криминал на Онкологија без силна политичка поддршка, не е можен

Не стивнува згрозеноста и жестокиот револт во јавноста по скандалот со цитостатици и со начинот на лекување на клиниката за Онкологија.

Според досегашните сознанија на медиумите и на семејства чии блиски биле пациенти на Клиниката, постојат сериозни индиции дека станува збор за грозоморен криминал.

„Две години предупредувавме, имаше сознанија, постоеја јавни укажувања, повеќе од шест месеци објавуваа медиуми- власта молчешкум бегаше од темата, системот за правда се правеше глув. Повеќе од две години, власта молкум дозволила трговија со цитостатици набавени со народни пари, на сметка на човечки животи“, реагира ВМРО-ДПМНЕ и бара одговорност од сите вмешани во монструозната шема.

Граѓани споделуваат фотографии и видеа од настани на кои се гледа како поранешниот директор на Клиниката за онкологија, доктор Нино Васев, кој беше поставен на функцијата од министерот Венко Филипче кога премиер беше Зоран Заев, во периодот за кој постои сомнеж дека се случувале овие скандали, учествувал на трибини на Форумот на жени на СДСМ.

Минатата година, Филипче и тогашниот директор на клиниката ја пречекаа сопругата на Зоран Заев, Зорица Заева која донираше перики.

За настанот информираше Зоран Заев на својот Фејсбук профил каде порача дека борбата против ракот не е само на пациентите туку на секој од нас, на институциите….

Имено, пред неколку дена, кога полицијата влезе на клиниката и направи претрес, го претресе и домот на поранешниот директор Нино Васев. По претресот, ОЈО Скопје и МВР работат за да се испитаат обележја на кривично дело.

Уште едно име на директор на оваа клиника се спомнува откако изби огромниот скандал. Станува збор за Нехат Нухи, економски директор на Онкологија. За него се пишуваше дека креирал списоци со лажни болни од канцер.

Функционери на СДСМ се фалеа дека партијата многу сработила во здравството, па објавуваа како помагаат за подигнување на свесноста за ракот и третманот кој овие пациенти мора да го поминат.

Еден од нив е екс-градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски. Во придружба на Васев, клекнат до поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, беа дел од стручно предавање заедно со Форумот на жените на СДСМ. Овие настани се, секако, за пофалба и треба да ги има што повеќе, но за жал, тука позадината е сосема поинаква, особено од оваа гледна точка, по последните сознанија.

Утре во 18 часот пред Владата ќе се одржи протест од кој ќе се побара не само кривична, туку и политичка одговорност за скандалот кон ја згрози јавноста и докрај ја наруши довербата на пациентите во здравствениот систем.