Морган Фримен се извини за недоличното однесување

Актерот Морган Фримен понуди извинување на сите кои ги навредил, откако осум жени го обвинија дека сексуално ги вознемирувал.

Сите кои ме познаваат или работеле со мене, знаат дека никогаш намерно не би повредил некого или би направил да се чувствува непријатно. Им се извинувам на сите кои се почувствувале непријатно или омаловажено. Тоа никогаш не ми била намерата, изјави 80-годишниот актер за „Sky News“.

Една од жените го обвини Фримен дека во една прилика ѝ го подигнал здолништето и ја прашал дали носи долна облека. Инцидентите наводно се случувале за време на промотивни настани за филмови во неговата продукциска куќа „Revelations Entertainment“.

Три новинарки го обвинија Фримен дека им давал недолични коментари за време на интервјуа, а една негова поранешна соработничка изјави дека таа и нејзините колешки знаеле дека не треба да носат тесна или кратка облека пред него бидејќи секогаш го коментирал нивниот изглед.

Вкупно 16 луѓе разговараа со CNN за Фримен, од кои 8 жени тврдат дека биле жртви на неговото однесување. Некои од нив тврдат дека станувало збор за сексуално вознемирување, а други за непримерно однесување.