Морнариците на Јужна Кореја, САД и Јапонија одржаа противподморнички вежби

Воените морнарици на Јужна Кореја, САД и Јапонија ги изведоа во петокот трилатерални противподмонички вежби, првите по пет години од овој вид и во екот на тензиите поради низата севернокорејски ракетни тестови.

Јужна Кореја и Јапонија претходно објавија дека во петок ќе одржат трилатерални поротивподморнички вежби со американските сили, со кои сакаат да ги подобрат своите способности за соочување со севернокорејските закани, вклучително и балистичките проектили лансирани од подморници. Учествуваа и американскиот носач на авиони „USS Ronald Reagan“, ракетниот крстосувач со наведувани проектили „USS Chancellorsville“, разурнувачот со наведувани проектили „USS Barry“, јужнокорејскиот разурнувач „Munmu“ и јапонскиот воен танкер „Asahi“.

Вежбите се одржани во меѓународните води во близина на источниот брег од Корејскиот полуостров, само ден откако Северна Кореја истрела две балистички ракети во морето близу источниот брег, а американската потпретседателка Камала Харис во четвртокот ги посети Сеул и солно утврдената Демилитаризирана зона на границата меѓу двете Кореи.

Тестирањето во четвртокот беше третото такво лансирање од Северна Кореја во последните пет дена, а Пјонгјанг годинава истрела досега невиден број проектили. Тие всушност беа севернокорејска реакција, зашто таквите континуирани големи заеднички маневри на Сеул и Вашингтон, во Пјонгјанг редовно ги сметаат за подготовка за инвазија и одговараат со предупредувачки лансирања ракети.

„Вежбите се осмислени за да ги подобрат способностите за одговор на сѐ поголемите подморнички закани од Северна Кореја, вклучително и нејзините балистички ракети лансирани од подморници (SLBM) во време кога претставува нуклеарна и ракетна закана поради низата тестови на балистичките проектили“, се наведува во соопштението на јужнокорејската воена морнарица.

Американската морнарица, пак, соопшти дека вежбите „ќе ја подобрат интероперабилноста и тактичката и техничката координација меѓу трите земји“.

Северна Кореја веќе подолг период настојува да развие технологија за лансирање балистички проектили од подморници. Во јануари минатата 2021 година на парадата во Пјонгјанг беа прикажани четири такви проектили, „најсилното оружје на светот“ како што беа тогаш опишани во државните медиуми. Во мај годинава, пак, Вашингтон и Сеул изразија сомневање дека Северна Кореја веројатно тестирала проектил способен да понесе нуклеарна боева глава лансиран од подморница. Инаку, проектилите лансирани од подморници се потешки за откривање.

Американската и јапонската морнарица, исто така, соопштија дека се очекува дека маневрите ќе го промовираат „слободниот и отворен Индо-пацифик, во екот на тензиите поради постапките на Кина во Тајванскиот теснец“.

Противподморничките вежби на трите земји не беа одржувани од 2017 година, бидејќи поранешната влада на Јужна Кореја настојуваше, како и тогашниот претседател Доналд Трамп, да ги подобри меѓукорејските односи и да ги олесни преговорите за денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров меѓу Пјонгјанг и Вашингтон, кои се во застој од 2019 година.

Новиот јужнокорејскиот претседател Јун Сук-јеол, кој ја презема должноста во мај годинава, вети зајакнување на трилатералната безбедносна соработка со САД и со Јапонија, за да се „спротистави на растечките закани“ од Северна Кореја.

Воените маневри на САД, Јужна Кореја и Јапонија, се одржаа неколку дена откако американска приватна аналитичка компанија, повикувајќи се на снимки од комерцијални сателити, соопшти дека Северна Кореја „можеби подготвува да пушти во морето нова подморница“ за која се верува дека може да истрела балистички проектили“.

Во средата јужнокорејската новинска агенција Yonhap, повикувајќи се на пратеници кои биле известени од Националната разузнавачка агенција (NIS), изестки дека првата нуклеарна проба на Северна Кореја по 2017 година би можело да биде изведена во периодот меѓу 16-ти октомври и 7-ми ноември.

Подготовките за нуклеарното тестирање се довршени во севернокорејскиот тунел за тестирање во Пангири, каде од 2006 до 2017 година се изведени шест подземни нуклеарни проби, според информациите од Јужна Кореја.

Времето на тестирање веројатно ќе биде одредено од настаните во Кина, главниот сојузник во Северна Кореја, како и во САД кои во Пјонгјанг се доживуваат како најголемата опасност по безбедноста, наведува Yonhap.

„Доколку Северна Кореја го спроведе нуклеарниот тест, тоа би можело да се случи меѓу 20-от конгрес на Комунистичката партија на Кина на 16-ти октомври и американските избори на средината на мандатот на 7-ми ноември, наведоа од NIS“, го цитира агенциите јужнокорејскиот пратеник Ју Санг-бум.