Морнарички офицер на САД осуден на шест години затвор за издавање воени тајни на девојки

Морнаричкиот офицер Едвард Лин, снимен на церемонија во Хонолулу 2008 година/ Photo by Sarah Murphy/U.S. Navy

Офицерот на американската воена морнарица Едвард Лин е осуден во петокот од воениот суд на сојузната држава Вирџинија на шест години затвор за откривање доверливи воени податоци, пренесува во саботата агенцијата Associated Press.

Претходно во мај 40-годишниот Едвард Лин се изјасни за виновен за невнимателно поседување со класифицирани информации, трансфер на информации во врска со одбраната на земјата и прикривање на контакти во странство.

Првично, во април 2016 година, Лин инаку роден на Тајван, беше обвинет за шпионажа, но подоцна обвинението по неколку точки беше повлечено, потсетува порталот Military.com.

Офицерот бил осомничен кон крајот на 2014 година. Федералното биро за истраги (FBI) открило дека Лин не ги открил своите контакти со воени лица од неговиот роден Тајван и со кинески девојки, од кои со една се запознал во салон за масажа на Хаваи.

Лин, исто така, признал дека предавал доверливи информации на американска државјанка, којашто лобирала во Вашингтон во интерес на една од политичките партии на Тајван.

Покрај тоа, американскиот офицер споделувал информации и со жена којашто е идентификувана како Катрин Ву, којашто му се претставувала како имигрантка од Тајван, а всушност била таен агент на FBI. Пред судот Лин рекол дека ги откривал тајните за да ги „импресионира“ девојките.