Московскиот патријарх им се обрати на верските и водачите на меѓународни организации во врска со Киевско-Печерската лавра

Патријархот Московски и на цела Русија, Кирил им се обратил на верските челници и функционерите на меѓународните организации со порака за ситуацијата околу Киевско-Печерската лавра, според објавата на мрежната страница на Одделот за надворешни црковни односи при Московската патријаршија.

Манастирскиот комплекс основан во 1051 година, кој се наоѓа на списокот на УНЕСКО на светското културно наследство, е културен и историски бисер крај Киев кој датира од период на Киевска Русија, и е центарот на Украинската православна црква (УПЦ) којашто е под историската јурисдикција на Московската патријаршија, наспроти новоформираната Православна црква на Украина (ПЦУ) чија самостојност ја прогласи грчката Вселенска патријаршија во Истанбул пред неколку години, кога беа одземени некои цркви од УПЦ а имаше и повеќе случаи на физички судири меѓу клерот и верниците на двете цркви.

„Само за време на владеењето на милитантните атеистички власти во XX век, монаштвото во Киевско-Печерксата лавра беше протерано од манастирите… Работата на некоја комисија за барање прекршувања во економските активности на манастирот беше нетранспарентна, а нејзината репресивна цел – целосно протерување на монаштвото – не го криеја функционерите и претставници на други верски организации на Украина под влијание на световните власти… Тажно е што кога власта на Украина ја декларира својата посветеност на демократските норми, европскиот пат на развој, почитувањето на човековите права и слободи, а тие права и слободи сега се прекршени на најеклатантен начин“, се истакнува во обраќањето.

Во петокот, шефот на комплексот Киевска-Печерска Лавра им нареди на монасите од канонската УПЦ да ги напуштат објектите до 29-ти март. Вршителот на должноста генерален директор Олександр Рудник се повика на заклучоците на меѓуресорската работна група и писмото од Министерството за култура и информативни политики на Украина. Во него се наведува дека манастирскиот комплекс наводно ги прекршил условите од договорот за користење на државниот имот, без да се приложат потврди за тоа.

Претходно ланскиот декември украинските власти тврдеа дека кон крајот на тој месец истекува закупот на комплексот, и бараа да бидат исфрлени свештенството и верниците. Директорот на музејот во кој е претворено светилиштето ги известил на 26-ти декември дека повеќе нема да им биде дозволена богослужба во тамошните цркви.

Претходно во ноември 2022-ра украинскиот претседател Володомир Зеленски, кој е од украинско-еврејско потекло, ги забрани верските организации поврзани со Русија. Претходно украинското разузнавање Службата за безбедност на Украина (СБУ) вршеше претреси и приведување во манастирскиот комплекс и во други цркви на УПЦ, под изговор дека бараат руски шпиони и пропагандисти, што беше оценето како притисок врз верниците на Украинската православна црква кои се русофони и оние кои не сакаат да минат под епархиите на новоформираната Православна црква на Украина.

Московскиот патријарх Кирил во обраќањето од саботата истакнува дека ултиматумот кој им е даден на монасите нема правна основи. Истовремено потсетува дека токму тие вложиле максимални напори и средства за обновување на манастирскиот комплекс во постсоветскиот период.

„Вложивме колосални напори и големи суми – со минимална владина помош, па дури и нејзино отсуство – да го обновиме обителта (монашкото братство), да ги обновиме Успенскиот и Трапезниот храм кои сега се одземени, но што е најважно , да се возобноват старите духовни традиции и целосниот монашки живот“, вели поглаварот на Руската црква.

Лаврата, додава московскиот патријарх, останува еден од најголемите православни манастири во светот, во кој се обединети повеќе од двесте монаси и искушеници. Таму е административниот центар на УПЦ и живеат стотици студенти на Киевската духовна академија и семинарија.

„Киевско-Печерската лавра е првиот манастир на Киевска Русија, кој постои од XI век, предок на заедничката духовна и монашка традиција на рускиот, украинскиот и белорускиот народ. Таа е колепката на нашата цивилизација и национални култури. Таму е напишан првиот историски споменик на Древна Русија – ‘Историја за минатите години’, од кој потекнуваат писменоста и литературата на нашите народи. Во текот на илјадагодишната историја, манастирот постојано страдал од напади, странски завојувачи освојувања и директно прогонство на христијаните“, додава патријархот Кирил.

Како што се наведува во информацијата, овој апел е испратени до поглаварите на помесните православни цркви, папата Франциск, патријархот на Коптската црква Тавадрос Втори, поглаварот на Англиската црква надбискупот Кентанбериски, Џастин Велби, генералниот секретар на Светскиот совет на црквите, др Џери Пилај, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид, шефицата на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ, високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, директорот на Бирото на ОБСЕ за демократски институции и човекови права, Матео Мекачи.