![Kremlj](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/03/Kremlj.jpg?resize=696%2C435&ssl=1)
Русија во средата соопшти дека експлозијата во вторникот вечерта во југоисточна Полска блузи границата со Украина кога загинаа две лица, била предизвикана од ракета на украинската противвоздушна одбрана, и ја пофали воздржаноста на американскиот претседател Џо Бајден кој сојузниците ги известил дека станува збор за украински проектил.
Руското министерство за одбрана објави дека руските масивни ракетни удари со високопрецизни наведувани ракети од вторникот не биле поблиску од 35 километри од полската граница.
„Фотографиите од остатоците (од проектилот) најдени во селото Пшеводув објавени вечерта на 15-ти ноември во Полска недвосмислено се идентификувани од страна на стручњаците на руската одбранбена индустрија како елементи на противвоздушна наведувана ракета С-300 од системот за противвоздушна одбрана на украинските воздушни сили“, соопшти руското министерство за одбрана.
Покрај тоа, министерството истакна дека во текот на вчерашното ракетирање не биле извршени никакви удари врз главниот град на Украина. Тоа е одговор на тврдењето на новинарот на Reuters од вторникот од Киев кој извести за наводни ракетни напади, вклучително и на станбени објекти, и оти во градот снемало струја во, како што го опиша, „еден од најтешките напади“ во деветмесечниот конфликт.
„Сите уништувања што ги прикажуваше киевскиот режим во станбени области на украинската престолнина е директна последица од паѓања и самоуништувања на противвоздушните проектили истрелани од украинската војска и од странските системи за противвоздушна одбрана распоредени во самиот град“ Киев, додава руското министерство за одбрана.
Истовремено Кремљ обвини некои западни земји, во прв ред Полска, дека „хистерично“ реагирале на инцидентот, но истакна дека САД и претседателот Џо Бајден покажале воздрженост.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека некои земји дале „неосновани изјави“ за вмешаноста на Русија „без да имаат воопшто поим што се случило“.
„Сведоци сме на уште една хистерична, налудничава русофобна реакција, којашто не се темелеше на вистинити податоци. Ваквата бурна реакција покажува дека никогаш не треба да се избрзува со расудувањето, со изјавите кои може да ја ескалираат ситуацијата. Особено во вакви клучни моменти“, изјавил Песков кого го цитира агенцијата РИА на редовниот дневен брифинг во Кремљ.
Песков посочил дека американскиот претседател Џо Бајден покажал „воздржаност“ во својот одговор на експлозијата. Во своите приви коментари за инцидентот Бајден рече дека првичните процени покажуваат дека е малку веројатно дека проектилот е истрелан од Русија.
„Уште еднаш сакам да ве повикам да обратите внимание на доста воздржаната реакција на Американците, која е во спротивност со апсолутно хистеричната реакција на полската страна и низа други земји. Зошто тоа се случи? Веројатно би требало прашањето да ѝ го поставите на Варшава и да барате од полските функционери да бидат повоздржани, поурамнотежени и попрофесионални кога зборуваат за толку чувствителни и потенцијални опасни теми“, рече Песков.
Извор од НАТО за агенцијата Reuters рекол дека претседателот Бајден ги известил челниците на сојузниците во Г7 и во НАТО дека експлозијата во Полска ја предизвикала украинска ракета на противвоздушната одбрана.
Запрашан дали функционери на Русија, САД и НАТО во текот на изминатата ноќ разговарале преку телефонската линија за итни случаи осмислена да се спречи ескалација, па и нуклеарна, Песков рече дека не му е познато дека имало некакви повици.
Анджеј Дуда, претседателот на Полска, која е членка на НАТО, претходно изјави дека Варшава нема конкретни докази за утврдување кој го истрелал проектил кој ја погодил полската територија на околу шест километри од границата со Украина.