Москва ја разгледува понудата на НАТО за преговори на 12-ти јануари

Русија го примила и го разгледува предлогот на НАТО за почеток на преговoри на 12-ти јануари за безбедносните гаранции кои ги бара Москва, пренесуваат во неделата руските медиуми откако добиле потврда од руското министерство за надворешни работи, a oткако во саботата ноќта за таквата понуда извести турската новинска агенција Anadolu повикувајќи се на неименуван извор од Алијансата.

Русија, којашто го вознемири Западот изминатиот период со раздвижување на трупи во близина на границата со Украина и пораката дека нејзини „црвени линии“ се запирањето на приближувањето на НАТО кон нејзините граници што според Москва ќе бара соодветен одговор и загрозување на стабилноста и безбедноста во Европа, минатата седмица на САД им испрати предлози за кои сака да дискутира. Меѓу нив клучниот правно обврзувачкиот договор за неширање на Алијансата и неспроведување никави воени активности во Украина и на Кавказот, односно Грузија.

„Ја добивме понудата (од НАТО) и ја разгледуваме“, потврдиле за агенцијата ТАСС од руското министерство за надворешни работи.

САД и Украина страуваат дека Русија подготвува инвазија врз својот поранешен советски сосед во првата седмица од јануари, но Москва негира и тврди дека само презема мерки на одговор поради сѐ поголемото присуство на американски и британски трупи и стратешка офанзивна воена опрема на украинска територија.

Претходно седмицава руски дипломати објавија дека поседуваат податоци оти во Украина се присутни илјада американски воени инструктори кои прават стратегија и обука за зголемените украински трупи на границата со побунетиот рускојазичен регион Донбас и оти се готви воена разврска на седумгодишната воено-политичка криза.

Ваквите активности аналитичарите во Русија ги споредуваат со Кубанската ракетна криза од 1962 година, кога светот дојде на работ од нуклеарна војна. Претседателот Владимир Путин во четвртокот порача дека Русија сака да го избегне судирот, но дека бара „итен“ одговор од САД и нивните сојузници за барањата на Москва и запраша како би се чувствувале во Вашингтон кога во земји од американскиот континент би биле распоредени руски ракетни системи.

Кремљ, меѓу другото бара исклучување на можноста за членство на Украина во НАТО, како и повлекување на мултинационалните единици на Алијансата од соседните Полска, Естонија, Литванија и Латвија.

Русија навести дека очекува почетокот на преговорите со американската страна за овие прашања во јануари во Женева. Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден некои од руските предлози ги смета за неприфатливи, но во врска на форматот на преговорите најавува поконкретен одговор.

Вашингот и Москва се во директен контакт во врска со руските предлози, но притоа американската страна не пропушта да нагласи дека сака почитување на територијалниот интегритет на Украина, потврди потпретседателката Камала Харис за телевизијата CBC News, но одби да влезе во поединости во врска со можните нови американски санкции.

САД, Европската унија и земјите од Г7 ја предупредија Русија дека ќе се соочи со „големи последици“, вклучително и уште поостри економски санкции доколку влезе во Украина.