Москва ќе одговори на протерувањето на руски дипломат од Скопје

Русија ќе преземе соодветни чекори како одговор на протерувањето на еден руски дипломат од  Македонија, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.

Најостро ги осудуваме таквите неосновани потези кои дефинитивно ќе влијаат на односите меѓу Русија и  Македонија. Ќе следат мерки на одговор, се наведува во соопштението.

Македонското МНР во вторникот соопшти дека, согласно член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи, еден дипломат на Руската амбасада во Скопје е прогласен за непожелна личност во Македонија.

Нотата со која се наложува дипломатот да ја напушти територијата на Македонија во рок од седум дена, му била предадена на рускиот амбасадор во Скопје Сергеј Баздникин во МНР на 14 мај.