Русија во петокот го поздрави предлогот на Кина за решавање на војната во Украина и рече дека е отворена за постигнување на целите на „специјалната воена операција“ преку политички и дипломатски средства.
Кина повика на сеопфатен прекин на огнот како дел од планот од 12 точки за решавање на војната што започна пред една година откако Русија ја започна својата „специјална воена операција“ во соседна Украина со образложение дека го заштитува руското население во Донбас од „геноцид и етничко чистење“.
„Ги споделуваме ставовите на Пекинг. Посветени сме на принципите на почитувањето на Повелбата на Обединетите нации, нормите на меѓународното право, вклучително и хуманитарното право, неделивоста на безбедноста, согласно кои безбедноста на една земја не треба да се зајакнува на сметка на друга, што е променливо и за безбедноста на одредени групи земји“, се наведува во писмената реакција на руското Министерство за надворешни работи.
Се наведува и дека Русија ја поддржува позицијата на Кина и ги смета за „нелегални сите рестриктивни мерки неовластени од Советот за безбедност при ОН“, односно санкциите без преседан кои Западот всушност започна да ги воведува уште од 2014 година, кога со негова поддршка беше изведен насилниот преврат на власта во Киев а мнозински руските региони се побунија и црноморскиот полуостров Крим реши да се врати во составот на Русија од која е издвоен во 1950-те години во времето на поранешниот СССР.
„Тоа е груб инструмент на нелојалната конкуренција и форма на економско војување“, велат од Москва во врска со оцената во кинескиот мировен план во кој, исто така, се повикува на неприменување на таквите форми во меѓународните односи.
Руската дипломатија порачува притоа дека Москва е отворена за постигнување на сите цели од „специјалната воена операција“ преку дипломатија. Истовремено, во реакцијата се посолува дека западните земји треба да престанат со испораките на оружје и испраќање своите државјани и војници како платеници во Украина.
Покрај тоа, се додава во објавата, властите во Киев мора да се согласат „да се вратат на позициите на вонблоковискиот статус на земјата и да ја признаат новата територијална реалност“.
„Воспоставени како резултат на остварување на правото на народите на самоопределување, демилитаризација и денацификација на Украина, како и елиминација на сите закани што произлегуваат од нејзината територија“, велат уште од Москва.
Покрај тоа, Русија повикува да им бидат гарантирани на украинските граѓани, вклучително и на населението коешто зборува руски и на претставниците на другите национални малцинства, сите неотуѓиви права, вклучително и употребата и учењето на нивниот мајчин јазик. Всушност, со тоа се бара враќање на украинските закони коишто беа на сила до 2014 година.
Како што истакнува руското Министерство за надворешни работи, една од главните пречки за разговори за постигнување мир сега е законот кој Киев го донесе по иницијатива на претседателот Володомир Зеленски кој забранува „преговори со (рускиот претседател) Владимир Путин“.
Москва, исто така, потсетува дека и на почетокот од април минатата година, властите во Киев го прекинаа мировниот договор кој го иницираа самите тие. На крајот од март по преговорите во Истанбул беше објавено дека двете страни дошле до моментот на финализирање на одредби од потенцијалниот договор. Меѓутоа, како што потоа пишува и самите украински и западни медиуми а турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган обвини „некои земји од НАТО“, Киев се повлече од преговорите по ненадејните посети на тогашниот британски премиер Борис Џонсон и американскиот министер за одбрана Лојд Остин.
Претходно на редовниот брифинг сличните ставови ги изнесе и портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.
„Ја цениме искрената желба на пријателска Кина да придонесе за решавање на конфликтот во Украина со мирни средства… Го споделуваме мислењето со Пекинг. Што се однесува до украинската криза, Русија е отворена за постигнување на целите на специјалната воена операција преку политички и дипломатски средства“, рече Захарова.
А тоа би значело и дека треба да се прифати „новата територијална реалност“ на Украина, рече Захарова, мислејќи на едностраната руска анексија на четири украински региони – Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, како и на Крим.
Западните сојузници на Киев реагираа претпазливо на предлозите на Кина, бидејќи документот „не открива нови иницијативи“. Исто така, беше истакнато дека Кина „не е неутрална и сѐ уште не ја осудила“ руската инвазија. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен во петокот во естонската престолнина Талин рече дека 12-те точки „мора да се разгледаат во контекст на тоа што Кина веќе избрала страна“. Кина и Русија, рече таа, меѓусебно се уверија во нивните блиски врски непосредно пред почетокот на војната. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, коментираше дека Кина „нема многу кредибилитет“ кога станува збор за обидите за посредување, бидејќи сè уште официјално не ја осуди руската инвазија.
Планот, објавен во петокот утрото на веб-страницата на кинеското Министерство за надворешни работи, меѓу другото содржи и повик за прекин на непријателствата, продолжување на преговорите, напуштање на менталитетот на Студената војна, намалување на стратешките ризици и почитување на суверенитетот на сите земји. Одделно, се споменуваат надминувањето на хуманитарната криза, спроведувањето на договорот за извозот на храна, обновувањето на Украина и обезбедувањето на безбедноста на нуклеарните централи. Самата Кина изрази подготвеност да работи со меѓународната заедница и да игра конструктивна улога во решавањето на конфликтот.