Киевскиот националистички режим се обиде да предизвика гранатирање на нуклеарната централа Запоројже, којашто од 28-ми февруари е заземена од руските војски, изјави во петокот на редовниот брифинг со новинарите во Москва, портпаролот на руското министерство за одбрана, генерал-мајорот Игор Конашенков.
Ноќта кон петокот западните медиуми повикувајќи се на украинските власти објавија дека руските сили наводно извршиле гранатирање врз најголемата украинска нуклеарна централа во Запорожје. Украинскиот претседател Влaдимир Зеленски ја обвини Москва дека спроведува „нуклеарен терор“ и дека сака да ја „повтори“ катастрофата во Чернобил, по гранатирањето на нуклеарната централа во централна Украина, среде руската инвазија. Притоа, следуваше идентична изјава со осуда за Москва од британскиот премиер Борис Џонсон.
Дека руските сили ја контролираат најголемата украинска нуклеарна централа, изјави во средата челникот на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), наведувајќи го известувањето од Москва. Руските дипломати во седиштето на организацијата во Виена го известиле генералниот директор на IAEA, Рафаел Гроси, за развојот на ситуацијата. Според писмото на руското претставнишво во IAEA, персоналот на нуклеарката во Запорожје осигурува безбедна работа. Известен беше и дека нивото на радијацијата е нормално.
„Меѓутоа, синоќа на територијата во непосредна близина на централата, национаоналистички режим во Киев се обиде да изврши монструозна провокација. На 4-ти март околу 2 часот по полноќ, мобилна патрола на Руската гарда беше нападната од украинска диверзантска група додека патролираше во заштитеното подрачје во непосредна близина на нуклеарната централна Запорожје“, рече Конашенков.
Потсети дека на 28-ми февраури беше известено дека руските единици ја преземале контролата над градот Енергодар, како и самата нуклеарна централа, чијшто персонал продолжил да работи во нормален режим. Обезбедувањето од припадниците на Националната гарда на Украина, го напуштило објектот уште пред доаѓањето на руските војници.
„Со цел да испровоцираат возвратен оган врз објектот, од прозорците на неколку ката на комплексот за обука лоциран надвор од централата, беше отворен баражен оган од пешадиско оружје врз припадниците на Руската гарда“, додаде Конашенков.
Руската патрола, исто така, со пешадиско оружје ги потиснала позициите на саботерите од кои бил отворен оган. Бегајќи од објектот, додаде Конашенков, тие подметнале пожар кој потоа е изгаснат и нуклеарната централа сега работи во нормален режим.
Конашенков оцени дека настаните кои следеа по изјавата на украинскиот претседател Владимир Зеленски за наводно загрозување на нуклеарката, како и неговите разговори со претставници на САД и Велика Британија во врска со оваа наводна криза „не оставаат никаков сомнеж“ дека „провокацијата е организирана со цел Русија да биде обвинета дека станала причината за жариште на радијација“.
„Сево ова сведочи за криминалната намера на режимот во Киев или за целосното губење на контролата на Зеленски врз акциите на украинските диверзантски групи со учество на странските платеници“, заклучи Конашенков.