Украинските вооружени формации користат забранети француски касетни гранати и оружје од земји членки на НАТО во нападите врз цивилни цели во одметната проруска источна област Доњецк, соопшти на брифингот во вторникот рускиот Комитет за истраги.
„Интензивните напади се изведуваат од повеќекратни ракетни системи и артилериски системи со долг дострел. Истовремено, тешка артилерија е испорачана во Украина од земји членки на НАТО. Постојат докази дека во моментов украинските вооружени формации користат касетни гранати од француско производство, чијашто употреба е забранета со меѓународното право“, истакнуваат во Комитетот.
Притоа, Русија обвинува дека западни воени инструктори изминатите години ги обучувале украинските паравоени формации составени од припадници на екстремните десничкарски движења како да ги користат таквите артилериски системи кои користат касетна муниција.
Шефот на рускиот Истражен комитет, Александр Бастрикин им издал наредба на тимовите иследници да ги документираат и истражат сите факти за масовните гранатирања на станбени згради и цивилната инфраструктура во целиот регион Доњецк од страна на украинските сили.
„Гранатирањето од страна на украинските сили е насочено кон објекти од цивилната инфраструктура, вклучително и медицински и образовни институции, трговски простори, претпријатија и станбени згради“, се истакнува во соопштението за медиумите и се оценува дека таквото однесување на властите во Киев е „без преседан во суровоста“ како и дека предизвикува „човечки жртви меѓу цивилите и колосални разурнувања“.
Само во градот Доњецк во последните 24 часа во украинските гранатирања се убиени седум цивили, повеќе од 40 се ранет а и меѓу жртвите и настраданите има и деца, соопштија властите на одметната проруска Доњецка Народна Република во вторникот.
„Истовремено западните земји ги игнорираат објективните податоци за спроведување на операциите на режимот во Киев против мирот и безбедноста на човештвото, а нивните медиуми грубо ги искривуваат овие факти за настаните, и покрај изјавите на очевидци, како и материјалните докази кои сведочат за злосторствата на режимот во Киев“, истакнуваат од рускиот истражен комитет.
Руската страна уште во март ги обвини украинските сили дека користат забранета муниција, а Киев ги обвини руските сили за користење, исто така, на касетна муниција и фосфорни бомби.
Меѓународната невладина организација Human Rights Watch, исто така, во март ги обвини и властите во Киев и проруските сепаратисти дека користеле касетни бомби во источна Украина. По истрага, организацијата собрала докази дека и двете страни во конфликтот користеле такво оружје во јануари и февруари. Притоа организацијата за човекови права ги повика Киев и сепаратистите да ја потпишат Конвенцијата за целосна забрана на касетни бомби.