Москва и Киев се обвинуваат за смртта на Дугина

Челникот на проруските сепаратисти во Доњецк го обвини „киевскиот терористички режим“ за обидот за ликвидација на рускиот филозоф и политиколог Александар Дугин, откако неговата 30-годишна ќерка Дарја Дугина загина изминатата ноќ во подметната експлозија во автомобилот на нејзиниот татко во предградие на Москва.

Според Истражниот комитет на Русија, Дарја Дугина загинала по детонација на експлозивот со кој се превезувала, откако Александар Дугин по настан на кој учествувале и двајцата заминал со друго возило.

Британскиот државен сервис BBC наведува дека експлозивната направа била прицврстена на возило под седиштето на возачот.

Руските иследници отворија истрага за убиство на Дугина, која исто така завршила филозофија а беше политички коментатор во Меѓународното евроазиски движење, на чие чело е нејзиниот татко. Во март 2022 година Бирото за контрола на странска сопственост (OFAC) при американското Министерство за финансии ја санкционираше Дарја Дугина поради нејзин „придонес во напис“ на веб-страницата United World International (UWI), чија главна уредничка била, во кој се сугерира дека Украина ќе пропадне доколку би била примена во НАТО.

Превладува мислењето дека вистинската цел бил самиот Александар Дугин, кој во западните медиуми е доживуван како личност со големо влијание врз рускиот претседател Владимир Путин и велат дека наводно уште во 2008 година „заговарал инвазија“ врз Украина.

Денис Пушилин, проруски челник на отцепениот доминантно руски југоисточен украински регион Доњецк, за смртта на Дугина ја обвини Украина и на Telegram објави дека „Дарја ќе биде запаметена како вистинска руска девојка“.

Од друга страна, пак, политичките коментатори во Украина сметаат дека Киев во моментов нема способност да изведе таков напад. Висок украински функционер за BBC ги отфрлил обвинувањето за украинска вмешаност во експлозијата.

„Истакнувам дека Украина, секако, нема никаква поврзаност со тоа, бидејќи не сме криминална држава каква што е Руската Федерација, а уште помалку терористичка држава“,. Изјавил Михајло Подолјак, советник на украинскиот претседател/

На Западот се пишува дека Александар Дугин „долго заговара обединување на населението кое зборува руски во голема нова руска империја“.

Неговото влијание врз Путин е предмет на постојана расправа. Некои тврдат дека рускиот претседател го слуша, додека други дека влијанието на Дугин е минимално. За Дарја Дугина, пак, пишуваат дека ги поддржувала идеите на својот татко и во медиумите позитивно зборувала за руските воени акции во Украина.