Москва и се реваншира на Прага, протера 20 Чеси

Москва протера 20 Чеси во знак на одмазда, откако Прага најави дека ќе протера 18 руски дипломати обвинувајќи ги дека се шпиони, откако чешките разузнавачи ги поврзаа руските воени агенти со експлозијата на магацин со муниција во 2014 година при што загинаа две лица.

Руското министерство за надворешни работи денеска соопшти дека на протераните Чеси им било наредено да ја напуштат Русија до крајот на утрешниот ден (19 април).
Овој потег доаѓа на ден пред состанокот на министри на надворешни работи на ЕУ на кој е предвидено да дебатираат на темата „наводна вмешаност на руски агенти во експлозијата во Чешка во 2014 година“. Таквото обвинување од Чешка, Москва го нарече „апсудрно“ и обвини дека Прага е под влијание на Вашингтон.

Случувањата се совпаѓаат со зголемувањето на тензиите во Украина поради поставувањето на воени трупи од страна на Москва долж источната граница како и во период кога Вашингтон ги зголеми санкциите кон Москва и протера 10 дипломати.