Русија во саботата го повика на разговор заменикот американски амбасадор во Москва и ги обвини САД дека сакаат да извршат претрес на нејзината трговска мисија во Вашингтон, чиешто користење го запре Белата куќа.
„Го повикавме на разговор заменикот американски амбасадор во Москва, Ентони Годфри. Му предадовме протесна нота во врска со намерата на американските власти да извршат претрес во просториите на руската трговска мисија во Вашингтон“, се наведува во соопштението на руското министерство за надворешни работи.
Се додава дека споменатата зграда е во сопственост на Руската Федерација и дека има дипломатски имунитет.
Руската дипломатија во петокот, исто така, ги обвини САД дека сакаат да извршат претрес и во просториите на рускиот конзулат во Сан Франциско, како на блиската зграда во којашто живеат дипломатите и службениците на амбасадите.
„Американските специјални служби имаат намера на 2-ри септември да извршат претрес на конзулатот во Сан Фанциско и на становите на службениците кои живеат во зградата и имаат дипломатски имунитет“, истакна во соопштението портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Според протесната нота предадена на американскиот дипломат, Русија смета дека се незаконски претресите на споменатите дипломатски објекти без присуство на руски официјални претставници.
„Таквите претреси и заканата со разбивање на влезните врати претставува агресија без преседан којашто американските специјални служби може да ја искористат како провокација против Русија со помош на подметнати компромитичарки предмети“, истакнува руската дипломатија.
„Американските власти мора да ги прекинат грубите прекршувања на меѓународното право и да се откажат од кршење на имунитетот на руските дипломатски институции“, се наведува во соопштението и се додава дека Москва го задржува правото да преземе соодветни противмерки.
САД на Русија ѝ дадоа рок до саботата да го затвори својот конзулат во Сан Франциско, како и две дипломатски претставништва во Вашингтон и во Њујорк
Новите американски санкции следеа откако Москва одговарајќи на протерувањето на стотината руски дипломати кон крајот на минатата 2016 година од страна на администрацијата претходниот американски претседател Барак Обама и затворање на два руски дипломатски центри кои се руска екстериторијалност како и на новите антируски санкции спроведени од американскиот Конгрес во јули годинава, одговори со свои барања.
Со одлуката на претседателот Владимир Путин како одговор на американските санкции, 755 дипломати и службеници, руски или американски, до петокот мораa да ги напуштат должностите во Русија. Американското дипломатско присуство може максимално да изнесува 455 лица, што е нивото на руското присуство во САД.
САД, исто така, до почетокот на август мораа да ги испразнат двете дипломатски згради за одмор и магацини во близина на Москва.