Во Москва оваа година се откажани традиционалните новогодишни и божиќни огномети, пренесува ТАСС. Употребата на пиротехнички средства за време на празниците е забранета поради воената операција во Украина, изјави за новинската агенција извор од кабинетот на градоначалникот.
Огнометот од претходната година, исто така, беше забранет во Москва.
Претходно пратениците се изјаснија за забрана на огномет на јавни места и во близина на станбени згради. Пратеникот на Државната дума, Дмитриј Гусев, го повика градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин да го откаже овогодинешниот огномет во главниот град, велејќи дека не е „најдобро време“ за тоа, истовремено тврдејќи дека парите што градот ги заштедува може да се потрошат за поддршка на војниците кои учествуваат во воената операција во Украина и нивните семејства.
Предложена е целосна забрана за регионите кои граничат со Украина. Пратеникот Јарослав Нилов посочи дека за време на руската воена операција во Украина, „не сите се забавуваат до утро на новогодишната ноќ и уживаат во блескавите петарди што експлодираат на небото“. Тој додаде дека огнометот и силните експлозии треба да бидат забранети во Москва и во некои региони.
Претходно, некои други руски региони исто така објавија дека го откажуваат новогодишниот огномет.
Во меѓувреме, портпаролот на претседателот Дмитриј Песков објави дека Кремљ оваа година нема да го одржи традиционалниот новогодишен дочек. Во минатото собираше високи функционери и истакнати културни дејци. Песков не ги образложи причините за одлуката.