Москва: Невозможно е да продолжи договорот за извоз на украинско жито под сегашни околности

Невозможно е да се продолжи рокот на договорот за извоз на украинско жито преку Црното Море под сегашните околности, изјави денеска претседателката на Горниот дом на рускиот парламент, Валентина Матвиенко, пренесе БТА.

Матвиенко на меѓународниот економски форум во Санкт Петербург изјави дека трпението на Русија го достигна својот крај.

Всушност, таа ги повтори коментарите дадени претходно неделава од рускиот претседател Владимир Путин и други високи руски претставници.

Претседателката на Советот на федерацијата изјави и дека е важно да се избегне влошување на кризата со храна во посиромашните земји.

Договорот овозможува безбеден извоз на жито и други производи од пристаништата на Украина преку Црното Море.