Москва: Новите санкции од САД се драконски

Руската амбасада во Вашингтон денеска изјави дека новите американски санкции се драконски и ја оцени како претерана  причината за нивното воведување обвинувањата дека Москва стои зад труењето на Сергеј Скрипал и уште три лица во Велика Британија.

Вашингтон вчера објави дека ќе воведе нови санкции за Русија откако наводно утврдил дека Москва употребила нервен агенс против поранешниот руски двоен агент.

Русија упорно ја отфрла одговорноста за нападот, а руската амбасада во САД изјави дека американските обвинувања не се базирани на факти и докази.

 

Ние ќе продолжиме да бараме независна истрага за инцидентот, рече амбасадата.

Портпаролката на Стејт департментот Хедер Наурет  рече дека е утврдено оти Русија „употребила хемиско или биолошко оружје и го прекршила меѓународното право, како и дека употребила смртоносно хемиско или биолошко оружје против сопствени граѓани.

Таа рече дека санкциите ќе стапат на сила на 22 август или околу тој датум.

Според високи функционери во Стејт Департментот, најголем учинок во пакетот нови санкции би требало да има забраната за одобрување на дозволи за извоз на чуствителна стока на Русија, а која се однесува на националната сигурност.