
Во текот на изминатото деноноќие руската војска крај Киев ги уништи тенковите од моделот „Т-72“ кои европските земји ѝ ги испорачаа на Украина, соборија еден борбен и еден транспортен авион како и десетина беспилотни летала, изјави на вечерниот брифинг во руското министерство за одбрана, портпаролот генерал-мајорот Игор Конашенков.
Претходно во понеделникот претпладнето украинската армија објави дека силни експлозии го потресле главниот град Киев во руски напад со крстосувачки ракети истрелани од областа на Каспиското Море. Според украинската страна цел на оваа ракетирање бил погон за поправка на железнички вагони, и е прв ваков напад врз главниот град од крајот на април.
Но Конашенков рече дека руските ракети уништиле тенкови „Т-72“ и оклопни возила кои биле испорачани од источноевропските земји а кои биле сместени во погонот за поправка на железнички вагони. Портпаролот, исто така, прецизираше дека не станува збор за крстосувачки ракети истрелани од море, туку за проектили од воздух.
„Со високопрецизни ракети со долг дострел од воздух на периферијата на Киев уништени беа тенкови ‘Т-72’ испорачани од источноевропските земји и други оклопни возила лоцирани во објектите за ремонт на вагоните“, изјави Конашенков без да го прецизира бројот на уништената опрема.
Покрај тоа, руските воздухопловни сили извеле напади и врз производствени погони во Краматорск, Дружјовка и Часовој Јар, каде што според Конашенков се поправала воената техника на украинската армија.
Гаѓани од руските војски биле и командните центри на 81-та и на 95-та десантно-јуришна брига и шест области на концентрација на жива сила и воена опрема, две лансирни позиции за противвоздушните ракетни системи „Оса-АКМ“, две борбени возила со повеќекратни ракетни системи, три воени складишта и противбатериски радарски систем „AN/TPQ 50“ од американско производство, додаде Конашеков.
Рече и дека оперативно-тактичката и армиската авијација уништила три украински командни пункта, 65 локации со концентрирани жива сила и воена опрема и уште три магацини за муниција.
Во воздушна битка над Славјанск бил соборен украински борбен авион „МиГ-29“, а воен транспортер од типот „Ан-26“ со оружје и опрема бил соборен во близина на големиот црноморски пристанишен град Одеса.
Од друга страна, продолжи Конашенков, руските противвоздушни системи собориле десет беспилотни летала на украинските сили, меѓу кои и од типот „Барјактра-ТБ2“, две ракети „Точка-У“ и три проектила од среден дострел „Ураган“.
Од почетокот на борбените дејствија во Украина, руските сили уништиле 189 украински борбени авиони, 120 хеликоптери, 1.114 беспилотни летала, 330 противвоздушни ракетни системи, 3.415 тенкови и други оклопни борбени возила, 47о повеќекратни ракетни лансери, 1.778 единици на теренска артилерија и минофрлачи од различни калибри, како и 3.419 други воени возила.