Додека европските политичари кои го доживуваа можното враќање на Доналд Трамп во Белата куќа како голема закана за демократијата, го осудија неуспешниот атентат врз поранешниот американски претседател исто така како закана за демократијата, додека Русија го опиша нападот како последица од американската политика на разгорување омраза.
Во саботата вечерта во нападот Трамп беше застрелан крај десното уво додека се обраќаше на предизборен собир во сојузната држава Пенсилванија, што властите го третираат како обид за атентат. Еден од учесниците на собирот е убиен а двајца се тешко ранети, соопшти американската Тајна служба. Осомничениот атентатор е убиен, но нема информации дали бил во престрелка со полицијата, ниту други поединости за тоа дали е направен обид да биде уапсен или дали се водени преговори да се предаде.
Нападот врз Трамп е најновиот во низата политички атентати и напади во западниот свет, почнувајќи од убиството во 2022 на поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе и обидот за убиство на сегашниот премиер Фумио Кишида една година подоцна, обидот за убиство на словачкиот премиер Роберт Фицо претходно годинава и низата напади врз десничарски политичари во Германија пред изборите за Европскиот парламент.
Европските челници го осудија нападот врз Трамп како „закана за демократијата“, исто како што ја оценуваа и неговата евентуална победа на американските претседателски избори на 5-ти ноември, имајќи ги предвид неговите изјави во врска со војната во Украина и на адреса на сојузниците во НАТО.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен објави на платформата Х дека „во демократијата нема место за политичкото насилство“ Францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, на Х го осуди нападот врз Трамп и го опиша како „трагедија за нашите демократии“ и му посака брзо закрепнување.
„Нападот врз американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп заслужува презир. Му посакувам брзо закрепнување. Моите мисли се со сите погодени од нападот“, напиша на Х германскиот канцелар Олаф Шолц.
Реакцијата на официјална Москва, пак, е насочена на прозивки на САД. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи , Марија Захарова, изјави дека обидот за убиство на Трамп е „последица од американската политика на разгорување омраза“.
„Соединетите држави би требало да ја преиспитаат својата политика кон политичките противници, другите земји и нации“, рече Захарова додавајќи дека САД би требало да се сосредоточат на своите внатрешни проблеми наместо да се мешаат во внатрешните работи на другите земји и конкретно на испораките на оружје на Украина со што само ја продолжуваат војната и ја зголемуваат ескалацијата.
„За таквото насилство нема оправдување никаде во светот. Насилството никогаш не смее да биде оправдано“, напиша на Х украинскиот претседател Володомир Зеленски додавајќи дека му „олеснило“ кога дознал дека Трамп, со кого инаку имаше недоразбирања, е безбеден.
Кинескиот претседател Кси Џинпинг „му изрази сочувствување на Доналд Трамп“, се наведува во кусото соопштение на Министерството за надворешни работи во Пекинг. „Кина е загрижена поради нападот“, се додава.