Москва објави дека е завршена мисијата во Сирија

началникот на Главната оперативна управа на рускиот Генералштаб, генерал-полковникот Сергеј Рудској

Мисијата на руската војска во Сирија е завршена и сириската територија е целосно ослободена од ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, објави во четвртокот руското министерство за одбрана.

„Мисијата на руските војски да ја уништата вооружената терористичка група е завршена“, изјави началникот на Главната оперативна управа на рускиот Генералштаб, генерал-полковникот Сергеј Рудској, на брифинг со новинарите, додавајќи дека денеска „нема ниеден локалитет ниту регион во Сирија кој е под контрола на Исламската држава“.

Сириската територија е потполно ослободена од припадниците на оваа терористичка организација“, додаде генералот Рудској.

Според него, воздушните удари биле „без преседан“ водени последните денови во областа на Букмал, последниот важен локалитет кој го контролираа џихадистите, со руските авиони кои секојдневно бореле по 100 воздушни полетувања и 250 удари.

Специјалните сили на руската војска, исто така, биле активни водејќи ги воздушните удари и „уништувајќи ги најсмелите водачи на милитантните групи зад непријателските линии“, додаде генералот Рудској. Додаде дека тие дејствувале заедно со локалната милиција Источните племиња на Еуфрат и курдски борци.

Според генералот, последните пет дена биле ликвидирани над 550 терористи, меѓу кои и 130 кои биле одредени за извршување самоубиствени бомбашки напади, а биле уништени шест тенкови, 14 ткн „џихадомобили“ (со кои се изведуваат самоубиствени напади со влетување во противничките војски – з.р.) и 91 пикап возила со митралези со голем калибар. Притоа не се исклучува можноста припадниците на Исламската држава да изведуваат диверзии на ослободените сириски територии.

Прецизираше дека во текот на изминатата седмица силите на сириската влада ослободиле територија од 2.500 километри во областа северозападно од Букмал, од реката Еуфрат до местото Мезиле.

Според опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR), со седиште во Лондон, Исламската држава контролира уште осум отсто од покраината Деир-ез-Зор, наспроти речиси целата територија пред неколку месеци.