Москва очекува официјален одговор од Лондон во врска со веројатната порака на поранешната британска премиерка Лиз Трас до американскиот државен секретар Ентони Блинкен по експлозиите на руските гасоводи Северен тек 1 и 2 во територијалните води на Шведска и Данска, порача во вторникот портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Во неделата основачот на услугите за хостирање датотеки в Megaupload и Mega, Ким Дотком, на социјалните мрежи објави дека Трас му испратила порака на Блинкен во којашто наведува „сѐ е сторено“ само една минута по инцидентите врз руските гасоводи во Балтичкото Море, за кои подоцна истрагите на Шведска, Данска и Германија потврдија дека се саботажи предизвикани со експлозивни средства.
Според претприемачот, тогашната британска премиерка на шефот на американската дипломатија му ја испратила пораката кога информацијата за експлозиите сѐ уште не ѝ биле познати за јавноста. Истовремено, тој не појасни од каде ги добил информациите и на што се темелат неговите наводи.
„Искрено, сеедно ми е кој и како ја добил оваа информација. Ме интересира одговорот на Лондон на следното прашање: Дали британската премиерка Лиз Трас му испратила порака на американскиот државен секретар Ентони Блинкен веднаш по експлозијата на цевководите на Северните текови со зборовите ‘it’s done’ (готово е/ сторено е)“, напиша Захарова на Telegram апликацијата.
Руската дипломатка истакнува дека светската јавност и милиони луѓе ширум светот очекуваат официјален одговор на ова прашање, и оти луѓето „имаат право да знаат што се случило со светската енергетска безбедност и каква е улогата на Англосаксонците во терористичкиот напад“.
Претходно во понеделникот рускиот претседател Владимир Путин изјави дека рускиот енергетски гигант „Газпром“ добила пристап да ги провери местата на експлозиите на четирите линии на Северен тек и дека веќе открила соодветни оштетувања на цевководите. Според Путин, резултатите од истрагата докажуваат дека инцидентот на двата гасоводда е очигледен терористички напад.
Минатата седмица руското Министерство за одбрана објави дека припадници на специјалните сили на британската воена морнарица, кои имаа штаб во Очакив, во украинската област Миколаев, учествувале во „планирањето, осигурувањето и спроведувањето на терористичките напади“ врз гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2.
Според Москва, истите британски специјалци ги воделе и подготовките за нападот со воздушни и подводни дронови врз цивилни и воени бродови во црноморското пристаниште Севастопол, историското седиште на руската Црноморска флота на Крим, од зоната на безбедниот коридор по кој се извезуваат житарките од Украина, за што биле обучувани припадниците на 73-от Специјален центар за поморски операции на украинската војска.
Кон средината на октомври беше објавено дека германските истражувачи откриле дека неколку експлозии кои се случиле во близина на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2 преку кои по дното на Балтичкото Море рускиот гас се испорачуваше во Германија и Европа, најверојатно биле чин на саботажа. Во Германија сметаат дека саботажата најверојатно не била извршена со воена подморница. Една од разгледуваните верзии е дека експлозивните направи биле потопени во морето од брод и активирани од далечина.
Истекувањето на гасот е со дијаметар од осум метри, беше истакнато во прилогот на ARD. Притоа се додава дека двата цевковода на Северен тек 1 имаат по две оштетувања, додека само една од линиите на Северен тек 2 е оштетена.
Претходно шведскиот дневен весник Expressen ги објави првите јавни снимки од оштетувањето откриено на 26-ти септември и објави дека недостасуваат најмалку 50 метри од гасоводот Северен тек 1. Шведската полиција и државното обвинителство се сомневаат дека истекувањето на гасот од цевководите на Северен тек 1 и Северен тек 2 во шведските и данските води се последица на намерна експлозија и затоа случајот го истражуваат како чин на саботажа.
Полицијата на Данска објави дека прелиминарната истрага на оштетувањата на двата гасовода во данскиот дел од Балтичкото Море покажуваат дек се предизвикани од „силни експлозии“.
Сите три земји одбија да ги споделат сознанијата од истрагите, повикувајќи се дека станува збор за сензитивни податоци со висок степен на доверливост.
На 26-ти септември, истовремено се случија оштетувањата на двата руски извозни гасоводи за Европа, Северен тек 1 и Северен тек 2. Операторот гасоводите Северен тек, комапнијата „Nord Stream AG“ објави дека инцидентите на гасоводите се без преседан и дека е невозможно да се процени времето потребно за поправка.
Кремљ го нарече инцидентот акт на меѓународен тероризам. Според портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, во областа каде што се случиле експлозиите биле спроведени вежби на НАТО со помош на опрема за големи длабочини. Според претседателот Владимир Путин, „санкциите не им се доволни на Англосаксонците“, па тие почнале да ја уништуваат паневропската енергетска инфраструктура.