Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу му рекол на турскиот колега дека Москва се согласила да се врати на договорот кој со посредство на Турција и ОН овозможи транспорт на украинско жито преку Црното Море, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Ердоган рече дека Шојгу му се јавил на турскиот министер за надворешни работи Хулуси Акар и го информирал дека од денеска договорот за коридорот за жито „ќе продолжи на ист начин како и досега“.
Претседателот на Турција изјави дека приоритет ќе биде испораката на жито во африканските земји, вклучувајќи ги Сомалија, Џибути и Судан, бидејќи Русија изрази загриженост дека најголемиот дел од житото ќе заврши во побогатите земји.
Вчера, рускиот претседател Владимир Путин му рече на Ердоган дека сака „вистински гаранции за строго почитување на договорот од Истанбул“, особено дека Киев не го користи хуманитарниот коридор за воени цели, пред потенцијално повторно да се приклучи на договорот за жито.
Договорот за испорака на жито беше потпишан на 19 јули во Истанбул под покровителство на Турција и ОН и овозможи извоз на милиони тони жито, заробени во украинските пристаништа за време на руската офанзива врз Украина.
Русија во саботата објави дека го „суспендира“ учеството во договорот, откако го обвини Киев дека е одговорен за нападите со беспилотни летала врз нејзината флота на Крим. Според Москва, нападите биле извршени користејќи го „хуманитарниот коридор“ во Црното Море за извоз на украинско жито.
Од друга страна, Украина тврдеше дека Русија користи лажен изговор за да не го спроведе договорот.