Москва: Уништени украински диверзанти во Херсон, одбиени обиди за противнапад

Руските вооружени сили неутрализирале грипа украинските диверзанти кои се обиделе да се истоварат во регион Херсон на југоистокот од земјата кој е под контрола на проруските сепаратисти и руските единици, соопшти во понеделникот руското министерство за одбрана.

„Во акваториумот на вливот на Дњепар, беше откриен обид да се инфилтрираат и да се истоварат од брзите десантни чамци украинска диверзантска група на територијата на регионот Херсон. Во отворениот оган уништени се двата десантни чамци на украинската морнарица заедно со диверзантите на нив“, изјавиле на редовниот брифинг за новинарите во министерството за одбрана во Москва.

Истовремено еден од челниците на воспоставената проруска администрација во Херсон, Крили Стремусов, изјавил за агенцијата РИА дека украинските војски имале „уште еден неуспешен обид“ за остварување на најавената во Киев противофанзива и враќање на контролата над регионот.

Регионот Херсон се наоѓа во јужна Украина и се граничи со Крим, поради што има и големо стратешко значење, а властите во Киев уште пред две седмици му порачаа на тамошното населени да се евакуира поради претстојна противофанзива на украинските сили. Но засега украинската војска не оди во копнен пробив на фронтот, откако во јуни беа одбиени неколку такви обиди, но врши постојано гранатирање со повеќекратни ракетни лансери HIMARS со долг дострел.

Во коментарите на националната телевизија, украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников во понеделникот тврдеше дека е зголемен ефектот на повеќекратните ракетни системи со висока мобилност и долг дострел HIMARS за уништување на 50 складишта со муниција на руските трупи, како и неколку важни мостови за да се прекине нивната логистика.

„Пред неколку дена украинските нацисти имаа уште еден неуспешен обид за напад врз регионот Херсон, но новиот обид не успеа. Прво, регионот Херсон е степа и секое придвижување на украинската армија завршува со неуспешен напад. Второ, сите обиди само доведуваат до големи загуби во редовите на украинската војска. Режимот на (украинскиот претседател Владимир) Зеленски просто безумно ги фрла луѓето во сигурна смрт“, тврди Стремусов во изјавата за РИА.

Според него, украинското водство намерно ја ескалира ситуацијата во регионот Херсон за да издејствува нови дополнителни испораки на оружје од Западот.

„Украинските нацисти ги интересира само колку повеќе ќе ги наполнат своите џебови. А тоа дека Херсонската област повторно ќе се врати под контрола на Украина, дека ќе има контраофанзива се само фантазии“, додал.

Стремусов смета дека украинската војска, како паравоените формации така и регуларната професионална војска нема капацитет да се спротистави на руските единици во регионот. Тврди дека од почетокот на војната во Украина немало ниеден успешен пробив на украинската војска.

Од средината на март, две седмици откако Русија го започна она што го нарекува „изнудена превентивна специјална воена операција“ во Украина, ја презема контролата врз Херсон и азовското крајбрежје на соседната Запорошка област. Руските воени власти воспоставија цивилно-воена администрација во двете области, рубљата е воведена во оптек наместо украинската гривна. Привремените управи на двата региона објавија намера по примерот на блискиот црноморски полуостров Крим во 2014-та да се присоединат на Руската Федерација, за што во Москва одговорија дека треба да реши тамошното население, а САД обвинија дека Русија се подготвува за „нова анексија на украинска териорија“.