Руското Министерство за надворешни работи денеска оцени дека одлуката на Германија за замрзнување на сертификацијата на гасоводот Северен поток 2 е неприфатлива и оти ќе нанесе непоправлива штета на нивните билатерални односи.
– Ќе доведе и до неизбежен и брз раст на цената на гасот, се наведува во соопштението на руското МНР. Германија минатиот месец го запре Северен поток 2, преку кој требаше да се удвојат испораките на руски гас за Германија, откако Русија официјално призна два сепаратистички региони во Источна Украина.
Швајцарскиот оператор на гасоводот Северен поток 2, АГ нема поднесено барање за стечај, само компанијата ги отпушти вработените откако САД воведоа санкции.
Северен поток 2 со должина од 1.230 километри не започна со работа во очекување на германската сертификација. Но, процесот на одобрување беше замрзнат минатата недела поради ескалацијата на украинската криза.
Неколку големи компании најавија дека ќе се повлечат од нивните руски проекти, вклучително и Шел, која повеќе нема да учествува во Северен поток 2.