Гласањето на 27-ми април беше спроведено ефикасно и без инциденти, се вели во прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ, која се повикува на извештаите и на информациите добиени од нејзините набљудувачи.
Според МОСТ изборниот ден поминал мирно.
„На дел од гласачките места избирачките одбори не ги информираа правилно гласачите за процедурата на гласање, односно за тоа дека може да изберат за кој изборен процес сакаат да гласаат, туку веднаш им издаваа гласачки ливчиња за двата вида избори“, е дел од малкуте забелешки за нерегуларности во текот на изборниот процес, кои ги регистрирале набљудувачите на МОСТ.
Граѓанската асоцијација МОСТ во својот извештај за спроведените предвремени парламентарни избори и втор круг од претседателските избори во Македонија, го следела со 1.712 набљудувачи, распоредени на исто толку избирачки места.
„За гласањето на болните и немоќни лица спроведено на 26-ти април, за вториот круг од претседателските и за предвремените парламентарни избори биле пријавени 9.218 лица што претставува зголемување во однос на првиот круг од претседателските избори за 24,8 отсто. ДИК најави дека доколку има случаи на непочитување на процедурата ќе преземе мерки, како против ОИК, така и против лекарите кои издавале несоодветна документација“, наведено е во извештајот.
Понатак МОСТ забележува дека во периодот помеѓу двата изборни дена, кампањата се заостри, како во однос на реториката, така и во однос на активностите на терен.
„Согласно новите одредби во Изборниот законик според кои во едно гласачко место не може да има повеќе од 1.000 гласачи, беа формирани 502 нови гласачки места и гласачите од едно место беа распоредени во две места. Дополнително, за првпат во Република Македонија се организираа два изборни процеси со различни рокови за спроведување на изборните дејствија. Тоа резултираше со 2 процеси на увид во Избирачкиот список, еден за претседателските и еден за парламентарните избори кои течеа еден по друг. Поради тоа постоеја одредени разлики помеѓу Избирачкиот список за претседателските и оној за парламентарните избори“, се вели во извештајот на Граѓанската асоцијација.