МОСТ: Разликата меѓу Пендаровски и Силјановска е во рамки на статистичка грешка

Граѓанска Асоцијација МОСТ ги соопшти резултатите од првиот круг на претседателските избори 2019 година, според кои кандидатот Стево Пендаровски освоил 44,7 отсто од гласовите, Гордана Силјановска Давкова 44,32 отсто и Блерим Река 1о,98 отсто од гласовите, со максимална маргина на грешка од +/- 0,5%

Од МОСТ напоменуваат дека податоците се добиени од ПВТ програмата, и одѕивот на гласачите е 41,67% со маргина на грешка од +/- 0,5%. Процентот на неважечки ливчиња е 4,33%.

Од Асоцијацијата напоменуваат дека поради фактот што резултатите за првите два кандидати се во маргината на грешка, во официјалните резултати може да има промена во редоследот на првите два кандидати според освоените гласови.

Граѓанската асоцијација МОСТ го следеше денешното гласање со повеќе од 1.500 набљудувачи. На 1.160 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, беа распоредени исто толку набљудувачи, со што беа покриени 33% од вкупниот број на гласачки места во Република Северна Македонија.