Чешкиот премиер Петр Фиала, чијашто земја моментално претседава со Европската унија, изјави по враќањето од украинската престолнина Киев во вторникот дека Брисел би можела да ја санкционира Белорусија поради нејзината наводна улога во судирот во Украина на страната на Русија.
Белорусија повеќепати се нудеше да посредува во постигнувањето мир меѓу Москва и Киев, како што беше и со неостварените Мински договори од 2014-та и 2015-та. Но минатиот месец белорускиот претседател Александр Лукашенко изјави дека по неколкуте провокации на украинската граница постои план на белоруски дисиденти и радикали кои се обучуваат за акција на територијата на Белорусија, како и дека на белоруските граници со земјите членки на НАТО се натрупуваат војски. Белорусија и Русија, кои имаат договор за ткн Сојузна држава од 1990-те формираа заеднички сили со 9.000 руски војници кои патролираат по белоруските граници.
Западот ја обвинува Белорусија дека наводно од нејзина територија руската војска изведува операции во Украина, што Минск го отфрла.
„Сега ја испитуваме (…) улогата на Белорусија и потенцијалната потреба таа да стане цел на санкции“, рече Петр Фиала за новинарите по враќањето од Киев каде водеше група чешки министри на разговори со украинските колеги.
„Некои санкции против Белорусија веќе се на сила, но не можеме да прифатиме Белорусија да ја поддржува руската политика или Русија да го заобиколува ефектот на санкциите преку земји како Белорусија“, додаде Фиала без да даде докази за таквите активности.
Русија, против којашто ЕУ веќе воведе осум кругови санкции а кои предизвикуваа сѐ повеќе и негодувања во Европа меѓу кои и во Чешка, „мора сѐ повеќе да биде изолирана“, додаде Фиала.
„Знаеме дека санкциите дејствуваат, тоа можеме да го видиме од мноштвото податоци и без сомневање мораме да продолжиме“, тврди Фиала без повторно да даде конкретни показатели и примери.
„Мораме да сфатиме дека нападите врз Украина се изведуваат од белорускиот воздушен простор и дека Белорусија и испорачува оружја на Белорусија“, изјави, пак, чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски кој исто така не понуди поединости.