Бројот на руските војници на границата со Украина се зголемува и можниот напад е сѐ поизвесен, изјави во четвртокот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по средбата со британскиот премиер Борис Џонсон во Брисел.
„Ова се опасни времиња за европската безбедност. Бројот на руските војници се зголемува. Можниот напад е сѐ поизвесен. НАТО не е закана за Русија, но мораме да бидеме подготвени за најлошото, истовремено верувајќи во политичкото решение“, истакна Столтенберг на заедничката прес-конференција.
Столтенберг рече и дека Русија мора да избере меѓу дипломатското решение на украинската криза, од една страна, или санкциите и засиленото присуство на трупите на НАТО на источното крило на сојузот.
„Русија има избор: може или да избере дипломатско решение, а ние сме подготвени да седнеме (на преговарачката маса), но доколку ја избере конфронтацијата ќе плади висока цена. Ќе има економски санкции. Ќе има зајакнување на военото присуство на НАТО во источниот дел на Алијансата, а Велика Британија е важен дел од тоа“, рече Столтенберг.
Британскиот премиер Џонсон рече дека украинската криза е најопасниот момент и дека е важно следните денови работата да се направат исправно.
„Искрено, не верувам дека одлуката е веќе донесена (во Москва), но тоа не значи дека не е невозможно да се случи нешто навистина катастрофално многу брзо. Ова е веројатно најопасниот момент… најголемата безбедносна криза во Европа“, рече Џонсон додавајќи дека е важно да се дејствува правилно, во комбинација од санкции, воено решение и дипломатија.
Генералниот секретар на НАТО, исто така, рече дека му испратил писмо на рускиот министер за надворешни работи, понудувајќи му разговори за поголема транспарентнос околу воените вежби коишто Русија ги започна во четвртокот со Белорусија, како и разговори за контролата на нуклеарното вооружување во Европа, што е една од точките од предлог-договорот со кој Москва од Западот бара обврзувачки договор за сопствената безбедност.