Можните мешања на Кина во изборите не влијаеја на резултатот, уверува Трудо

Дури и доколку Кина се обидувала да се меша во последните два изборни циклуса во Канада, тоа не влијаеше на изборните резултати, изјави во средата канадскиот премиер Џастин Трудо во официјалната истрага.

Во сведочењето пред комисијата која води јавна истрага за наводното странско мешање во изборите во Канада во 2019 и 2021 година, Трудо одговараше на прашања за разузнавачките брифинзи што ги добил, а потоа тврдеше дека изборите биле слободни и фер.

Споменатата комисија е формирана токму со одлука на премиерот Трудо, иако под притисок на претставници на опозицијата незадоволни од медиумските извештаи за наводната улога што Кина ја играла во наведените два изборни циклуса.

Лидерот на водечката опозициска Конзервативна партија во кампањата во 2021 година, Ерин О’Тул, проценува дека неговата партија изгубила до 9 пратенички места поради наводното кинеско мешање, но истакна дека оваа бројка не одлучувала за победникот на изборите. Либералната партија на Трудо победи на двата избора.

„И покрај обидите на странските земји да се мешаат, овие избори го зачуваа нивниот интегритет. Канаѓаните ги одлучува“, рече премиерот.

Запрашан за извештајот на разузнавањето во кој кинеските официјални лица во Канада изразиле претпочитање на либерална малцинска влада во 2021 година, верувајќи дека ќе биде многу потешко за таква влада да спроведе „антикинеска“ политика, Трудо одговори дека извештајот никогаш не стигнал него.

„Иако некои кинески функционери можеби имаа одредени наклонетости кон некои опции, не добивме впечаток дека самата кинеска влада имала свои фаворити на изборите, тоа ни изгледаше неверојатно“, рече Трудо.

Канадската разузнавачка агенција (CSIS) во понеделникот ја извести комисијата што ја води истрагата дека Кина „тајно и измамнички се мешала во двата изборни циклуса, што е цврст доказ за сомнително кинеско мешање во канадската политика“.

Портпаролот на кинеската амбасада во Канада рече дека сведочењето на канадскиот премиер не претставувало никаков конкретен доказ во поддршка на тврдењата за наводните кинески обиди за влијание врз изборите.

„Кина никогаш немала интерес да се меша во внатрешните работи на Канада“, изјави тој.

Официјален Пекинг, исто така, ги отфрли сите обвинувања за мешање во изборните процеси во Канада.

Споменатите канадски избори се одржаа под зголемени тензии меѓу двете земји предизвикани од апсењето на извршната диркеторка на „Huawei“ во Канада по налог на САД, а потоа и кинеското апсење на двајца канадски државјани под обвинение за шпионажа. Сите три лица на крајот беа ослободени во 2021 година.